Пишува: Ричи Ѓамовски
Македонија го заврши настапот на Европското првенство со остварена цел, место во првиот шешир за баражот на ЕП, единствено остварлив со најмалку една победа. Конечниот пласман е на местото број 17. Бројката не е импресивна. Но, имајте предвид дека од 2020 се игра систем што не дава втора шанса, па така од споменатото првенство досега пласман на позиција 12+ имале екипи како Данска, Франција, Унгарија, а сега и Шпанија. Дека на пример една Србија која има тон добри играчи во врвни клубови не стигнала до главна рунда, дека линијата што раздвојува е многу тенка.
Во нашиот пример на ова првенство, од другата страна на линијата за пласман под или над 12 место беа Франција и Германија и таа линија воопшто и не беше тенка.
Македонија е во период на играчка транзиција. Видовме доказ на дело дека селекторот знае што работи, но ќе помине уште многу време додека таа транзиција не биде комплетирана. Во една анализа споменавме, нашата проценка е дека најмалку три до пет години ќе поминат додека да имаме стабилен состав со јасно исцртани контури, играчки алтернативи и наш систем на игра.
И тоа под услов да се работи сериозно.
Се додека едни ја влечат колата низ калта, а други ја товараат со „дрвја и камења“ нема да (нѐ) биде.
Касно ќе биде ако колата тргне надолу, тогаш нема да има кој да ја запре.
Овој пат, се надминаа момците, покажаа дека меѓу нив има и хемија има и квалитет и дека селекцијата била добра, а има и доволно мангупи за да победат фаворит. Се склопи сѐ во еден момент, кликнаа како тим и дадоа што требаше да дадат на терен.
И покрај ова, сликата генерално не е сменета. Швајцарија и натаму е фаврорит на хартија во однос на Македонија и воопшто не ја посакуваме во бараж за СП.
Што доби Македонија од ова ЕП?
Марко Митев е откровението на првенството. Младиот 20 годишен бек на Алкалоид е момчето кое везеше на терен. Малиот „Брус Ли“ даде нова димензија на играа на нашиот тим и заслужено стана миленик на целата ракометна јавност. Милан Лазаревски е „нова“ коцка во репрезентативниот мозаик. Вистинско чудо е во каков играч прераснува овој ракометар. Односно не е чудо, прашајте ги тие што вежбаат со него во „теретана“ ќе ви кажат. Трикот е во работата на себе.
Ненад Костески веќе носи стабилност и од сегашна гледна точна ми е многу мило што во еден момент и медиумски се крена врева и направи притисок врз тогашните тренери на Е. Пелистер што не му даваа минутажа во ЛШ. Го добиваме и Петар Атанасијевиќ на левата крилна позиција и по ова притисокот врз Е. Пелистер, а и селекторот ќе се зголеми и за неговиот брат близнак Павле Атанасијевиќ кој лани во Краков беше во преден план, но малку закочи сезонава.
Да не одиме еден по еден, но уште нешо мора да се одбележи. Секоја чест за триото голмани. За капитенот Никола Митревски имам само наклон, Мартин Томовски е човек што буквално решава натпревари, а Марко Кизиќ голман што не пука под притисок туку го има „тоа“ во себе да запре зицер и да го спаси тимот.
Имаме уште неколку голмани на списокот, а со многу внимание ќе го следиме настапот на младинските првенства на Иван Галевски и Ѓорги Николовски.
Пешевски ги измачи сите противнички дефанзивци, Томи Јагуриновски покажа луцидност и храброст, Велковски се враќа во ритам, имаше долга пауза но е на добар пат. Недостасуваше повредениот Мартин Серафимов. Потоа и Марко Стојковиќ кој е пивот за два правца. Ги чекаме на сцената и Карасманакис и Ристевски...
На оваа композиција треба да се надодаде сегашнава перјаница, а таму се Филип Кузмановски и Филип Талески. Од нив очекувањата беа преголеми и притисокот врз нив беше најголем и стрелбата кон нив најсилна. Но, тоа е дел од нивната работа. Да се биде лидер на тимот, меѓудругото значи и да се знае како да се носи со притисокот. Спортската и воопшто културата на еден дел од нашите фанови е друга приказна.
Веруваме дека кога јавноста повеќе ќе сака ракомет, а не само победите во ракометот повеќе работи ќе си дојдат на своето место. Клучно беше што направи екипата чекор напред, сега ќе треба да продолжи по патот.
Да не летаме високо. Ова е само почетокот. Херојскиот ден со кој играчите обезбедија почит кај пошироката јавност и си купија мир има рок на траење. Обезбедија помалку стрес за претстојната ждрепка, но никој во моментов не може да гарантира дека ќе играме на следното СП.
На спиокот на можни противници се Србија, Швајцарија, па и Фарските острови. Верувам дека освен Топ 6 репрезентациите ниту една нема да се чувствува комотно или во улога на фаворит ако треба да игра со Србија. Швајцарија, со или без Шмит најрадо би им ја препуштиле на некои други.
Фарските острови... сега ни се симпатична екипа, но подобро и нив да не ги видиме во Скопје.
Ако се смилува Фортуна и добиеме лесен пат кон мундијалската 2025, тогаш селекторот и играчите купиле трпение и „раат“ да работат без да им виси гилотината на вратот барем уште една календарска година.
А во таа календарска година, играле на СП или не, треба да се испочитуваат многу работи. Не сме поборници на тезата дека играчите веќе ни имаат искуство затоа што играле на две три првенства, а тие траат по три натпревари.
На ЕП или СП преку репрезентацијата се докажува тоа што се работело (индивидуално) во клубовите, а не обратно.
Помалку, но поквалитетни странци би обезбедиле повеќе минути и поквалитетни ракометни лекции за македонските играчи. Но, под услов ако вистински и квалитетно да се работи за развојот на нашите играчи и само ако и самите играчи почнат многу посериозно да работат на себе, процесот ќе биде побрз.
Во спротивно ќе се чудиме како Ф. Острови кои имаат жители нешто повеќе отколку што имаше публика на стадионот во Дизелдорф игра успешно на ЕП. Оставете ги тие приказни настрана, нивните играчи не се калат на островот туку во Кил и Фуксе Берлин. А и бројката е 55.000 жители е приказна за пред гранап. Или ако сакате „баш“ такви споредби, тогаш пресметајте дека во Дизледорф имаше околу 5.000 навивачи на Ф. Острови. Тоа е 1/10 од населението или како би дошло, еквивалент на 200.000 македонски фанови?
Не можеме да се споредуваме ниту со Франција или Германија. Ги видовте какви машини се. Тоа се најголемите мајстори на ракометниот спорт воопшто. Врвни професионалци кои ја решаваат секоја ситуација за пар секунди. За физичкиот дел нема да трошиме зборови.
Со нив ќе играте толку колку што ќе ви дозволат. Можете да извлечете реми ако се успијат како Швајцарија со Франција или да ве посрамотат па 20 минути да не го видите голот, како Швајцарија со Германија.
Нема споредби ниту со екипа од ранг на Унгарија, единствената која секогаш е на ЕП, а никогаш на подиумот. Ќе дојде нивниот ред. Тие имаат вложено над 500 милиони евра во ракомет во последната деценија почнувајќи од инфраструктура, па до редовни плати на чистачите на салите.
Нашето место во ракометниот свет сега е +12 и е пониско отколку што беше со претходната генерација. Не е фер е на овие момци да им се препишува резултатскиот притисок од претходната генерација.
Можеби Хрватите најдобро го решија тоа со одлуката да не се нарекуваат „каубои“ за да се разликуваат од нивните претходници. Но, прекар за нашите ракометари, веројатно не е добра идеја.
Поврзани вести