Македонската репрезентација денеска ќе го посвети денот на подготовка, а утре ќе го одигра и последниот меч од Европското првенство. Потоа ќе се сумираат резултатите и ќе се формираат шеширите за баражот за СП 2025
„Ни се случија истите работи, истите грешки, пак имавме премногу загубени топки. Ако зборуваме за одбраната, имаше одреден напредок, во одредени моменти имаше пожртвуваност и борбеност, но мислам дека кога ќе направиме анализа - ние сме немоќни да играме „шест во шест“ во нападот против ваков калибар на репрезентации.
Едноставно ги продаваме топките, се доведуваме до пасивна игра каде што противниците потоа казнуваат безмилосно. Да не се лажеме, не е ни реално да парираме на Германија, среде Берлин. Се обидовме да бидеме позитивни, да го дадеме нашиот максимум, но видовте што се случуваше на теренот.
Да, знаеме дека треба да бидеме подобри, но реално во модерниот спорт играте онолку колку што ќе ви дозволи противникот. Во овој момент и против Франција и против Германија, иако имавме одредени моменти кога игравме добро и се приближувавме, сепак се трошевме многу и не можевме да го издржиме тоа темпо на подолги периоди.
Ако има противник против кого можеме да сме компетитивни и да се бориме за позитивен резултат, тоа е Швајцарија и тоа го знаевме уште пред почетокот на овој шампионат. Јас и на играчите во соблекувалната по мечот со Германија им кажав:
Што било, поминало, мораме што побрзо да се средиме во главите, да преспиеме и да го искористиме овој ден за да се подготвиме за Швајцарците. Треба да го дадеме нашето најдобро, на индивидуален и на колективен план и да се обидеме да бидеме компетитивни, да се бориме за позитивен резултат против Швајцарија.
Видовте како Швајцарците изненадија со Франција, одиграа нерешено неколку дена откако загубија со 13 гола од Германија во првото коло. Јас секогаш верувам во изненадувања, во победи, без разлика со кој противник играме, треба само да ги средиме главите и да веруваме во она што работиме.
Ние сме репрезентативци, ова е најдоброто што го имаме во моментов во ракометот, тие се избраните што ја претставуваат Македонија, мислам дека имаме квалитет и сигурно ќе се обидеме да се покажеме во добро светло и да се бориме за позитивен резултат“, изјави селекторот Лазаров