Лазаров: Не сакав толку долго да играме 7 на 6, но моравме



Селекторот на Македонија, Кирил Лазаров, вака го коментираше натпреварот со Франција. 

„Не сум задоволен од резултатот. Сметам дека требаше со помала разлика да загубиме. Имавме таква шанса.  Задоволен сум од моите момци во големиот дел од мечот, но тоа не беше доволно бидејќи моравме да ги одиграме сите 60 минути во ист ритам.
Она што ме разочара е конечниот резултат, бидејќи мислам дека со играта што ја прикажавме не заслуживме двоцифрен пораз. На моменти париравме целосно, на моменти имавме и премногу грешки во нападот, а Франција е таква селекција што те казнува и знае за пет минути да направи огромна предност, не само против нас туку и против далеку посилни репрезентации од нашата. 

„Моравме да играме „седум на шест“, многу подолго отколку што планирав и посакував. Имавме проблеми и загубени топки на шест и шест и затоа моравме да се фокусираме на „седум на шест“, на тој начин да ја приближиме противничката зона поблиску до нивниот гол.

Како што реков, во многу работи бевме сосема добри, но Франција беше едноставно премногу силна и знаеше како да ја казни секоја наша грешка“, вели Лазаров. „Тактички не заостануваме толку многу, во играта се гледа дека „имаме и глава и опашка“.

Она што ја прави разликата меѓу нас и Французите, но и останатите врвни селекции, тоа е онаа физичка сила во која значително заостануваме. Тоа е генерален проблем, тука на сцена стапува нашиот менталитет, методика на работа на самите играчи. Секој од тие млади таленти треба да вложува во себе, да биде подготвен на жртва, за да работи уште повеќе и да напредува во кариерата.

Верувајте дека тоа го прават младите ракометари во Франција, Шпанија и останатите врвни ракометни земји, додека кај нас се оди на молење за дополнителна работа, нешто што е неопходно ако се сака да се направи посериозна кариера. Ракометно можеме уште повеќе да се приближиме и да се носиме со сите ако ракометарите напреднат на физички план. За тоа е потребна и промена на системот, повеќе тешки натпревари во лигата, средби во брзо темпо бидејќи сите сериозни репрезентации диктираат таков вид на ракомет, како што ја видовме денеска на дело Франција, изјави Лазаров.

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk