ЕП 2024: Како против Карабатиќ и француската елита?



ДЕНЕСКА
18:00  МАКЕДОНИЈА - ФРАНЦИЈА
Стадион: Меркур Шпил Арена во Дизелдорф. Судии: Мирза Куртагиќ и Матијас Ветервик од Шведска. 

Македонската сениорска репрезентација попладнево во Дизелдорф ќе се сретне со една од најсилните светски репрезентации на отворањето на Европското првенство во Германија. 

Деновиве слушнавме, прочитавме, а и самите малку анализиравме со желба најреално да ги претставиме репрезентациите со кои ќе играме на овој шампионат. 

Кога станува збор за Франција сите зборуваа(т) со суперлативи и би рекле стравопочит. Не постои човек од ракометниот свет кој не се восхитувал на тоа што го правеше Никола Карабатиќ во кариерата, а и сега кога би требало да се одбере на пример најдобар десен бек во моментов повеќе од 2/3 би рекле дека тоа е Дика Мем, а тука некаде се и Недим Ремили или пак Мелвин Ричардсон... сите тројца од француската репрезентација.
Не бадијала и големата Барса главно се потпира на Французите. До неодамна таму беше и Фабрегас, а сега се „само“ Н'Гесан, Мем и Ричардсон... Или Келце кое лета со крилата Наи и Конку, а на линијата го има Турна или пак Веспрем со Мае, Ремили и Фабрегас...

Секоја пишана анализа за Французите на крајот ќе се сведе на тоа да не се знае од каде да се почне, а каде да се заврши. Имаат организиран спортски систем со фамозниот сомаж, врвни центри за развој на играчи, имаат околу 500.000 лиценцирани ракометари, две професионални лиги... 
Играчки, само да ги наброиме играчите што не се изборија за место во тимот за ова ЕП би требало да завршиме со анализата. Затоа што, навистина, колку простор би требало кога индивидуално би ги анализирале нивните играчи или нивната дефанзивна формација, па уште и да поентираме со некоја нивна слабост која македонските играчи би ја искористиле? 

Македонија вечерва треба да се впушти во борба и како и да ви звучи следново - да ужива во овој меч. Затоа што, за некои е прв, за други последен пат на терен да имаат шанса да се борат со Никола Карабатиќ, а тоа за секој ракометар треба да е инспирација сама по себе. Покрај него десно и лево се Мем и Н'Гесан или Ричардсон и Пранди уште понатаму на лево крио се Деска/Наи или пак на десно Конку и Порт ... Ќе можат да уживаат нашите дефанзивци во обидите да ги скротат Лука Карабатиќ, Фабрегас, Турна... па и да ги надмудрат на спротивната страна... 
Треба да се потпреме на нашата одбрана и транзиција, затоа што Французите одвреме навреме и ќе можеме да ги наттрчаме. 

Позитивна трема, притисок секако ќе има. Но, кога следен пат ќе играме ракомет на стадион? Вечерва ќе станеме дел од историја, нека бидеме таму запаметени како борбена екипа која се борела цел натпревар и не гледала во семафорот, па да мораат и големите ѕвезди по мечот да им честитаат на нашите млади ракометари за пружениот отпор. 


 

Поврзани вести