-
08.01.2024
-
Вести, Актуелно
Македонската репрезентација веќе е во Германија и за кратко ќе го има и првиот официјален тренинг во Германија пред стартот на 16 Европско првенство.
Овој контитнентален шампионат за прв пат се одржува на тлото на Германија, а трет е по ред според формулата на ЕХФ за која и натаму сметаме дека е убиствена, но повисоките математики на Виена и нивната стратегија велат дека од овој систем бегање - нема.
А системот е рековме убиствен. Не само за Македонија која по две ЕП ја нема минато групата туку и досега генерално, првото ЕП во 2020 „пропадна“ затоа што групата не ја минаа ниту Франција ниту пак Данска, а тоа во 2022 „пропадна“ затоа што домаќините Словачка и Унгарија не ја минаа групата, па целото првенство настрана ковид се играше пред полупразни трибини. Сега е за системот на ЕХФ - трета среќа. Но, ЕП во 2026 ќе се игра во Шведска, Данска, Норвешка, па сосема сигурно и ќе опстои ваквиот начин на играње.
Тој со други зборови значи полесно е да се стигне до ЕП, но таму по три натпревари пола од репрезентациите ќе се вратат дома. За помалите репрезентации значи „бидете среќни што воопшто играте, за поголемите, освен за понекој заспан џин, првенството почнува од Главната рунда.
1 КОЛО
10 Јануари
18:00 Македонија - Франција (А група)
20:30 Германија - Швајцарија (А)
12 Јануари
18:00 Австрија - Романија (Ц)
18:30 Исланд - Србија (Б)
20:30 Унгарија - Ц. Гора (Б)
20:30 Шпанија - Хрватска (Ц)
ЕП е квалификациско за ОИ, а пласманот ќе одреди и која екипа ќе оди во прв, а која во втор шешир во единствениот квалификациски бараж за СП. Репрезентациите што ќе се пласираат до 17 место одат директно, односно (12-17 место) ќе бидат во првиот шешир. Сите третопласирани освен една, најслабата ќе бидат во првиот шешир во ждрепката за СП Хрватска, Данска и Норвешка 2025.
Прв фаворит за злато е Данска. Тоа што оваа скандинавска држава го прави во ракометот е од некои ново ниво и успеаја паралелно со генерацијата на Хансен, Менса, Лауге, да извадат уште една постава (Гидсел, Менсинг, Питлик, Мадсен) со која ќе ја продолжат доминацијата.
Нивниот најлут ривал е Франција. Во олимписка година во која Французите се домаќини на ОИ, тие ќе можат сѐ. Можеби најголемиот нивни хендикеп е што ерата на Карабатиќ сѐ уште трае, па млади и прогресивни, побрзи и полуцидни играчи отпаднаа од списокот.
Но, ако некој заслужил да игра додека сака, тогаш тоа е Никола Карабатиќ.
Шведска и Шпанија го пополнуваат овој квартет, Готфридсон со поддршка од Клар, Сандел и Јохансон и според нас стратегот број 1, Жорди Рибера како им диригира на Душебаевци, Касадо, Фернандез и ветераните Македа и Кањељас се и тоа како интересни екипи за следење.
Норвешка, Хрватска и особено обрнете внимание на Исланд од сенка ќе знаат да направат пекол на теренот. По нив се Германија, Србија...
Каде е во приказнава Македонија?
Ако се работи со овој ритам и на клупски и на репрезентативен план, нашата проценка е за да го достигне условно кажано нивото што го имаше претходната генерација на Македонија ќе требаат уште најмалку три до пет години напорна работа. Немаме суперстар во тимот, добар дел од ракометарите се на возраст од 21-23 години, добар дел немаат запазени улоги во своите тимови. Добро е што имаме јуниори и кадети што ќе играат на ЕП од „А“ Категорија, па базата на репрезентативци ќе се прошири, но за да се создаде компактна целина што ќе може на подолги патеки да се носи со конкуренцијата треба и време и квалитетна работа, не само во репрезентација туку и во повеќе клубови.
Подвлечено, радува тоа што кај нас организирано се работи на создавање на конкурентна репрезентација, преку сите возрасни категории. Количеството на вложен труд, порано или покасно ќе биде наградено со резултат. Но, треба да се издржи (нај)тешкиот период, а најмрачно е секогаш точно пред да зазори. Дотогаш да уживаме во секој натпревар што ќе го игра националниот тим на големата сцена.
На ова ЕП ќе играме во група со Германија и Франција. Би било бајка, сензација да изненадиме, но кој е овде фаворит може да не му е јасно само на некој што за инат не сака да му е јасно. Како шанса за бодови ја гледаме Швајцарија, но во моментов и тие се на хартија пред нас. Ако ништо друго, тогаш затоа што во својата репрезентација го имаат најдобриот стрелец на Европската лига во моментов, најдобриот стрелец во Бундеслигата во моментов и уште двајца во Топ 13 стрелци во Бундеслигата. Тоа се четири докажани голгетери, а тројца од нив се бекови. На хартија, можат да им направат голем проблем и на домашните и на Французите. Ќе ги видме како и да е на стадион во среда како изгледаат.
Но, подвлечено, Швајцарија не е Германија ниту пак Франција, па се надеваме дека против нив ќе имаме шанса за добар резултат.
Европското првенство во Германија почнува на 10 јануари, а ракометниот портал G-SPORT.MK ќе биде присутен во Дизелдорф и Берлин и од лице место ќе имате информации за сѐ што се случува на ЕП.
Поврзани вести