ПРЕТСТАВУВАМЕ: Германија, домашен терен влог за медал?

14 јануари 2024
МАКЕДОНИЈА - ГЕРМАНИЈА 20:30 часот

Мерцедес Бенц Арена во Берлин, Германија

Почна финалното одбројување до првиот натпревар на 16 Европско ракометно првенство во машка сениорска, а на првиот натпревар на ЕХФ Еуро ќе се сретнат репрезентациите на Македонија и Франција. 

На страниците на специјализираниот ракометен портал G-SPORT.MK ќе бидете информирани за сите актуелности околу ЕХФ Еуро, од прелиминарната фаза и во живо од Германија, а претходно ќе можете да ги прочитате авторски најави за репрезентациите од групата „А“ во која ќе настапува и македонската репрезентација. 

Германија досега учествувала на 14 од 15 одиграни Европски првенства и по таа статистика пред нив се единствено Франција и Хрватска. Државата што ја има најсилната лига во светот и која е локомотивата на ракометниот спорт воопшто за прв пат ќе биде домаќин на Европско првенство. 
Тоа е голем настан и за нив, па се вложија комплетно за да бидат најдобрите домаќини досега. Тоа за жал нема да им успее, затоа што летвичката што ја подигна Катар стои на некои поинакви височини од организациски тип, но Германија има нешто што на Блискиот исток веројатно никогаш нема да го има, а тоа е публика и вистинска страст кон овој спорт. 
Организациски Германците тоа решија да го претворат во најголемата реклама за овој спорт, а тоа е рушење на рекордот на гледност во живо. Актуелниот од 44.198 гледчи ќе оди во историјата во среда кога на теренот ќе истрчаат Македонија и Франција, а на трибините на фудбалскиот стадион во Дизелдорф ќе има околу 55.000 гледачи. 

Ништо поинаку, барем кога е Македонија во прашање нема да биде ниту во Берлин, каде што салата која има капацитет од околу 15.000 гледачи е комплетно распродадена и за 14 и за 16 јануари. 

Ако не знаевте: Македонија и Германија досега имаат одиграно пет официјални натпревари. Четири завршиле со победа на Германија, еден меч заврши нерешено (ЕП Хрватска 2018). 

Германија во пресрет на Европското првенство е репрезентацијата која се среќава со најмногу персонални проблеми. Иако се работи за Олимписка година, неколку играчи веќе не можат да го издржат ритамот и се повлекоа од тимот. Тоа се три мега ѕвезди како Уве Гензајмер, Хенрик Пекелер и Патрик Винцек. 
Дополнително поради проблеми со повреда нема да ги видиме ниту Патрик Гроцки, Маријан Михалчик, Фабијан Виде, Пол Друкс, Штефан Вајнхолд... 

Тоа за држава која има над 750.000 регистрирани ракометари низ повеќе од 4.300 клубови, а е во посед на најсилната светска лига, сепак и не е нерешлив проблем. Шанса ќе добијат некои други. 
Тие „други“ не значи дека се послаби од играчите на кои сме навикнале. Ако впрочем се сеќавате, кога во 2016 година Германија стана европски шампион, настапи со условно кажано третата постава затоа што првите две беа во аут поради повреди. 
Но, на тоа ЕП се промовираа Волф, Пекелер, Вајнхолд, Дизингер, Лемке... ракометари кои потоа ја одбележаа следната декада. 

Дали на ова ЕП ќе се повтори приказната? На хартија тоа е тешко оствариливо, но да видиме од што се направени Јури Кнор, Јулијан Костер и тројцата јуниорски светски шампиони , Ренарс Усчинс, Нилс Лихтлејн и Мартин Хане. Обрнете внимание на овие пет ракометари, другите веруваме ви се подобро познати. 

Ако не знаевте: Нилс Лихтлејн и Јулијан Костер се единствените ракометари кои се на списокот на Алфред Гисласон за ЕП, а беа дел од Кадетското светско првенство што во 2019 се одржа во Македонија. Германија на тоа СП играше во финалето и го освои сребрениот медал. Костер беше прогласен за најдобар дефанзивец, а Германија имаше и двајца ол стар играчи, пивот и лево крило кои не се ниту на поширокиот список. 

СОСТАВ:
Голмани: Давид Шпет (РНЛ), Андреас Волф (Келце)
Леви крила: Руне Дамке (Кил), Лукас Мертенс (Магдебург)
Десни крила: Тимо Кастенинг (Мелзунген)
Лев бек: Мартин Хане (Хановер), Себастијан Хејман (Гепинген), Јулијан Костер (Гумерзбах), Филип Вебер (Магдебург)
Среден бек: Јури Кнор (РНЛ), Нилс Лихтлејн (Берлин)
Десен бек: Ренарс Усчинс (Хановер), Каи Хафнер (Штутгарт), Криштоф Стајнерт (Ерланген)
Пикери: Јоханес Гола (Флензбург), Јаник Колбахер (РНЛ), Јустус Фишер (Хановер)
 
ОЛИМПИСКИ ИГРИ
Злато: 1
Сребро: 2
Бронза: 1
СВЕТСКО ПРВЕНСТВО
Злато: 3
Сребро: 2
Бронза: 1
ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО
Злато: 2
Сребро: 1
Бронза: 4
ВКУПНО МЕДАЛИ: 14

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk