Стадионот е спремен за ракомет, прва на терен - Македонија

Македонија и Франција на 10 јануари ќе го срушат светскиот рекорд на гледност во живо на ракометен натпревар кој датира од 2014 година и изнесува 44.198 гледачи. Рајн Некар и Хамбург цели 10 години можеа да се „фалат“ дека биле рекордери, но рекордите постојат за да се срушат. 

Македонија и Франција веројатно нема долго да бидат на врвот, само два и пол часа подоцна на истиот терен ќе играат домашната Германија и Швајцарија и веројатно таа средба ќе биде запишана како рекорд. Но, ништо нема да ни недостасува барем два часа да бидеме светски рекордери. 

Македонија и Франција ќе играат на фудбалскиот стадион во Меркур Шпил Арена во Дизелдорф пред очекувани 55.000 гледачи. Како ќе изгледа финалната бројка со фамозните точни до човек бројки ќе објави организаторот. Билети одамна нема, а тоа се одрази и на комоцијата на многу фанови, меѓу еден дел и од Македонија кои во последниот месец посакаа да бидат дел од тој спектакл, но не успеаја да стигнат до билет. 

Играњето на овој стадион ќе биде најголемата реклама за првенството и за ракометот во целина во тоа нема сомнеж, но сепак овој спорт е дизајниран во помодерно време за играње во сала. Во секој случај ќе бидеме на лице место и ќе го видиме овој меч од повеќе агли. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk