-
04.01.2024
-
Вести, Актуелно
Македонската репрезентација со победа се поздрави со домашната публика пред заминувањето за ЕП во Германија. Нашиот национален тим вечерва ја совлада Грција (33-30), а утре ќе одигра уште еден меч, но тој ќе биде од затврен тип.
Селекторот Кирил Лазаров, резимираше по натпреварот:
„Имавме квалитетен противник против нас, веќе имаат покажано дека знаат да добијат врвни репрезентации и затоа бевме свесни дека нема да ни биде нималку лесно. Јас секогаш велам дека нашата публика ни е голема поддршка, но и знае да донесе најголем притисок, бидејќи знаете дека тука немате право на грешка.
Тој почетен притисок што го имавме придонесе да не стартуваме на посакуваното ниво, но штом го пребродивме успеавме да влеземе во ритам.
Мислам дека можеме да играме уште подобро барем за одреден процент, имавме проблеми бидејќи ги загубивме Пешевски и Никола Маркоски, кои верувам дека ќе можат да ни помогнат на ЕП во Германија.
Таму ќе го немаме Мартин Серафимов, кој подолг период беше надвор од тренажен процес по повредата на дуелот Војводина - Алкалоид.
Тој сега е ОК но предолго е надвор од тренажен процес и затоа не настапува за репрезентацијата“, изјави Лазаров.
За очекувањата на ЕП, селекторот изјави:
„Ние ќе играме во првото коло со најдобрата репрезентација во светот, тие се олимписки прваци, што е најтешко нешто во светот на спортот. Се подготвуваме за тој двобој, ќе пробаме да го дадеме најдоброто од себе.
Веруваме во добра игра, но ќе зависи и од Франција, каков пристап ќе имаат на тој прв натпревар. Физички се доминантни, јас добро ги познавам бидејќи до пред една година играв со голем дел од нив.
Пред нас е тешка работа, во групата ни е и домаќинот Германија. Предизвикот е голем, но може многу да се добие, може многу да се научи, тоа ќе биде големо искуство за нашата млада репрезентација“, додаде македонскиот селектор.