-
04.01.2024
-
Вести, Актуелно
Македонската машка репрезентација денеска со почеток од 17:00 часот во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, ќе го одигра првиот од двата договорени контролни натпревари со репрезентацијата на Грција.
Ова се возвратните дуели, претходно во Солун, Македонија и Грција одиграа два тест натпревари кои завршија со минимална победа на Македонија на вториот и реми на првиот меч.
Ракометниот портал G-sport.mk беше во Солун на тие два натпревари и треба да одбележиме дека минаа во коректна атмосфера долу на теренот меѓу играчите и дека немаше никакви провокации и исвиркувања од трибините.
Селекторот Кирил Лазаров попладнево ќе има уште една можност да ги провери своите избраници пред настапот на ЕП. Очекуваме интересен дуел, но ќе имаме предвид и дека за шест дена е првата средба од ЕП со Франција, па веруваме дека и на теренот ќе има повеќе ракомет и надигрување, помалку агресивност и силни дуели.
Вториот натпревар меѓу Македонија и Грција ќе се игра утре, но тој ќе биде затворен за јавноста, затоа што селекторите сакаат да комбинираат и испробуваат акции, постави и тактики што не треба да бидат достапни за сите љубопитни очи, а такви ќе има многу од Франција, Германија и Швајцарија, па и низ Португалија, Чешка и Данска против кои ќе играат Грците на ЕП.
Поврзани вести