Висла по 12 години најде лек за Келце!

Висла Плоцк конечно има причина за радост. Вчера во дербито што полските медиуми го нарекуваат „Света војна“ Висла Плоцк како гостин славеше победа над нивниот најголем ривал - Келце од 29-28.

Висла Плоцк без Леон Шушња и Димтри Житњиков во тимот, но предводена од Миха Зарабец и Герго Фазекаш и расположениот Ловро Михиќ го контролираше целиот меч. На полувреме водеа 15-11, а во 45 минута имаа и максимални плус шест (22-16). Средбата која ја одбележаа и бројни исклучувања вклучително три црвени картони (Гебала, Каралек од Келце и Пирох од Висла) имаше драматичен крај.
Келце воден од индивидуалните квалитети на Игор Карачиќ и Алекс Душебаев и повремените блесоци на Олејничак успеа да израмни во последната минута. Висла влезе во „панична состојба“ во финишот, имаше и водство и напад на 45 секунди до крајот, но ја испушти топката, па Келце израмни.
На крајот, на пет секунди до крајот, Крајевски по изведување на слободен удар убаво ја измами одбраната, го лобуваше вчера неприметливиот голман Волф и погоди за 29-28 и нивна голема победа. 

Ова беше прва победа на Висла во салата на Келце по 12 години. Ако годинава успее да стане шампион на Полска, тоа нема да биде добра вест за македонскиот ракомет. 
Имено, Келце во тој случај ќе аплицира за вајлд карта во ЛШ и повеќе од сигурно и ќе ја добие. А Македонија ќе биде една од земјите што ќе бараат вајлд карти. 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk