Франција е светски шампион!

ФИНАЛЕ: ФРАНЦИЈА - НОРВЕШКА 31-28
Гранво 5, Хорачек 5 - Морк 8, Рејстад 5

Репрезентацијата на Франција ја детронизираше Норвешка, ја совлада по втор пат во рамки на 10 дена и стигна до златниот медал на 26 Светско првенство во женска сениорска конкуренција. 
Франција победи 31-28 на меч на кој избраничките на Оливие Крумхолц летаа низ теренот и пропуштија неколку шанси да го решат победникот во многу помирна завршница. 
Водеа Французинките веднаш штом заврши т.н. испитување на силите и игра гол за гол. Тие беа поконкретни, поблиску беа до моментот да се одлепат, но грешеа во клучни моменти или пак Лунде ќе блеснеше на голот. 
На полувреме беше 20-17 за Франција, во вториот дел по неколку пропуштени шанси да поведат со пет разлика, Норвежанките дојдоа до минус еден. Но, не паничеа Французиките ја играа својата игра и на крајот наградата стигна. 
Клучен играч кога беше најтешко, беше 20 годишната Лена Гренво. Погодуваше, пресекуваше, грешеше... сѐ се вртеше околу неа и тоа се исплатеше. 

Што беше клучно за победата на Франција или падот на големата Норвешка? 
Франција, а претходно и Данска ја спречија норвешката транзиција. Норвешка и против Данска и против Франција имаше само 1 до 2 контра напади и тоа по 50 минута. А кога Норвешка нема течност и не гази преку одбрана и транзиција тогаш има и проблеми. 
Франција леташе во двата правца. Спречуваше транзиција, но и вршеше константен притисок врз Норвежанките во напад и не им даде време да земат здив. 
Потоа на ред дојде транзицијата. Оливие има систем. Сите ротираа и не се приметуваше која во кој момент ќе блесне. Се повреди Флип... немаше проблем, системот ја покри нејзината позиција. Покриени беа Канор и Минко, нема проблем, на сцена се појави Гранво и ги постигна последните четири гола за Франција во финалето. 

Минатата година Франција играше во Скопје, а потоа во Љубљана. Имавме можност секојднево да слушаме изјави од Оливие Крумхолц,  а во Љубљана по поразот од Црна Гора и разговаравме малку со него. 

„Правиме тим за следното СП и уште повеќе за Олимписките игри, ќе видиш“, рече тогаш Крумхолц. Видовме, само една година подоцна беа над нивото на сите, па и на големата и лани недопирлива Норвешка. 


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk