Алкалоид со триумф ја заокружи европската сезона

РК АЛКАЛОИД - БМ ЛОГРОЊО ЛА РИОХА 28-27 (15-13)
Сала: „Јане Сандански“ во Скопје. Судии: Јакуб Јерлецки и Мацеј Лабун од Полска. Делегат: Владимир Јовиќ од БиХ
РК АЛКАЛОИД: Трајкоски, Галевски (17 одб), Џонов 5, Маркоски 2, Младеновиќ, Стојчевиќ, Стојковиќ 3, М. Митев 10, Ѓоргиев, Велковски 4, Омерагиќ, Бинго 2, Кофилоски, Д. Митев, Савревски
Седмерци: 0/3 Исклучувања: 12 мин.
БМ ЛОГРОЊО ЛА РИОХА: Паласиц (17 одб), Абделмоталеб, Солер 3, Пресиадо 1, Фернандез, Моди 1, Алвес 6, Заја 8, Туа 2, Уриос 1, Ортиз,  Д. Кадарсо 1, Паломино, Е. Кадарсо  4
Седмерци: 2/4 Исклучувања: 14 мин.

РК Алкалоид со прва историска победа ја заврши својата прва сезона во Европа, сезона во која ја претставуваше Македонија во групната фаз на Европската лига. 
Вечерва во Скопје, иако ослабен со неиграњето на најдобриот стрелец на тимот Мартин Серафимов, што беше и „додаток“ на повредените Петковски, Стојков, Симоноски и Петров, Алкалоид беше подобар од екипата на Логроњо Ла Риоха од Шпанија. 

Алкалоид поведе со 2-0, но следниот период и припадна на гостинската екипа. Отсуството на Серафимов и на десни крила беше видливо во играта на македонската екипа, а неколкуте грешки во нападот и нереализирани шутеви ја однесоа екипата на Ла Риоха до водство од 10-5. 

Иван Галевски, младиот голман на Алкалоид доби улога на стартер на овој натпревар и во првиот дел ги надмина очекувањата. Со 10 одбрани во првите 30 минути беше играчот од каде што тргна пресвртот.
Нападот не губеше надеж, одбраната беше се подобра и Алкалоид во 24 минута стигна до израмнување (12-12). Три минути подоцна Алкалоид водеше 14-13, а на одмор се замина со резултат 15-13 за македонскиот тим и две пропуштени шанси за плус три. 

На почетокот на вториот дел, Алкалоид ги искористи своите шанси и поведе со големи 18-14 во 35 минута. Но, одново Шпанците имаа свој период и за кратко време успеаја да израмнат (18-18), па и да поведат (19-18), пред Марко Митев да израмни.
Потоа се играше гол за гол. 
Алкалоид имаше водство од два гола на 45 секунди до крајот, но брзо постигнаа Шпанците погодок.
Потоа - драма.
Ја загуби топката Алкалоид и имаа шанса и за реми гостите. Но, не реализираа и Алкалоид ја запиша првата европска победа. 

Македонскиот клуб ја заклучи сезоната со три освоени бода. Еден на гостински терен, кај противникот со кој вечерва ги одмеруваше силите и не се пласираше во Главната рунда во која напредуваа екипите на Бјерингбро Силкеборг и Војводина. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk