Војводина со бодовите од Алкалоид отиде во Топ 16

G-sport во Нови Сад
Ричи Ѓамовски


РК ВОЈВОДИНА - РК АЛКАЛОИД 34-29 (16-11)
Сала: „Слана бара“ во Нови Сад. Судии: Емил Агакиши и Ернест Агакиши од Азербејџан. Делегат: Емир Бешлија од Ц. Гора
РК ВОЈВОДИНА: Лучин (1 одб), Трнавац (6 одб), Шијан 1, Воркапиќ 6, Вуковљак, Азиз 9, Ратковиќ, Миленковиќ, Сунајко 1, Пушица, Раѓеновиќ 1, Пешиќ, Томиќ, Роган 2, Голубовиќ 6, Пуховски 7
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 6 мин
РК АЛКАЛОИД: Трајкоски (6 одб), Галевски (2 одб), Џонов 3, Маркоски 2, Младеновиќ, Серафимов 8, Стојчевиќ, Стојковиќ 5, М. Митев 6, Ѓоргиев 1, Велковски, Омерагиќ, Бинго 1, Кофилоски, Д. Митев, Савревски 4
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 2 мин.

Алкалоид го одигра својот трет и последен меч на гостински терен во годинешното издание на Европската лига. Вечерва во Нови Сад, македонскиот вицепрвак се сретна по втор пат со екипата на Војводина, актуелниот шампион на Србија и актуелен освојувач на ЕХФ Куп. 
Војводина беше поуспешна и се пласираше во Топ 16. Алкалоид повторно промашуваше премногу и не успеа да изненади. 
Неколку грешки и промашувања го чинеа Алкалоид неатива од 3-5 по осум минути игра и покрај солидната игра во одбрана и трите интервенции на Трајкоски во тој период.
Имаше мало враќање, Алкалоид напаѓаше при 6-4, но направија техничка грешка скоспките играчи и веднаш беа казнети со гол за 7-4.
Марко Митев и Мартин Серафимов играа одлично во овој период и го вратија назад Алкалоид во игра. Имаше и напад за израмнување нашиот тим, но голманот Трнавац спречи таков развој. Тоа малку го поремети ритамот што го имаше фатено Алкалоид и две минути подоцна, Војводина одново имаше плус три (10-7). 
Кратко потоа, од контра напад, поведе и со максимални до тој момент четири разлика (11-7) и го принуди Кирил Лазаров да побара тајм аут. 
Алкалоид имаше неколку убави можности првиот дел да го заврши со мала негатива, но и овој пат испливаа старите проблеми со реализацијата на шутеви од изградени позиции и на одмор се замина со преголема предност на домашните од 16-11. 




Вториот дел почна во полабава игра од двете страни, кога е одбраната во прашање. Гол за гол со тоа што Војводина имаше шест со седум гола предност, капитал што го стекна благодарение на тунискиот ас Азиз кој беше незадржлив за македонскиот тим.

Потоа следеше еден подобар период за Алкалоид кој намали на 21-25 и го принуди Борис Ројевиќ да побара тајм аут. Потоа имаше Алкалоид напад и за минус три, но Фран Лучин го запре Бинго и понатаму беше казнето со гол за 26-21, а исто како и во првиот дел се измести фокусот на Алкалоид, стана и 27-21. 

Марко Стојковиќ играше вечерва добар меч и во 48 минута намали на 23-27. Но, како и во неколку наврати претходно, место напред, мечот отиде - назад. Грешките во напад што Војводина умешно ги казнуваше ја вратија назад на плус седум предноста на домашните (31-24), а Лазаров беше на ред да побара тајм аут. 
Мечот не претрпе битни промени до крајот. Војводина притискаше до крајот, Алкалоид се држеше на дистанцата до конечниот резултат.




 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk