Алкалоид се чекираше во Нови Сад, следи дуел со Војводина

G-sport.mk во Нови Сад
Ристо Ѓамовски


Македонскиот вицепрвак Алкалоид пристигна во Нови Сад на последното гостување во Европската лига во дебитантската сезона во Европа. Македонскиот тим утре (вторник) со почеток од 18:45 часот ќе ги одмери силите со екипата на Војводина, првакот на Србија и актуелен освојувач на ЕХФ Куп. 
По овој дуел, на Алкалоид ќе му остане уште еден натпревар, дуелот со Ла Риоха што ќе се игра на петти декември во Скопје. 



Ситуацијата на табелата е таква што на Војводина за математички пласман во Главната рунда и е потребен барем еден бод од дуелот со македонскиот тим. Црвено-белите дури изгледаат и прекомотни во доделувањето на фаворитската улога засебе, a  еден од тие кои размислува поинаку, е нивниот тренер, Борис Ројевиќ.

„Овие натпревари се најтешки, затоа што сите очекуваат победа, а противникот не е нималку наивен. Имаме доста повредени и болни играчи, но јас сум горд на тие што играат и даваат и повеќе од максимумот, па надополнуваат. Се надевам дека и публиката ќе го препознае моментот дека ни е потребен ветер во грб, затоа што против Алкалоид нема воопшто да биде лесно. Тоа е добар тим, имаат одлични играчи и мораме да бидеме 100% во мечот од прв до последен момент“, изјави Ројевиќ. 

Ниту Кирил Лазаров не може да смета на сите играчи, па тимот најверојатно ќе биде истиот што минатата недела играше во Данска против Бјерингбро - Силкеборг. Но, кои 16 играчи ќе настапат, ќе се знае на денот на натпреварот. 

Алкалоид подобрите партии ги покажа на гостински терен сезонава, а и сега нема да има резултатски притисок и тоа може да биде поттик за подобра претстава во Нови Сад. 
Екипата попладнево ќе го почувствува амбиентот во домот на Војводина, салата „Слана бара“ и ќе го одржи својот прв тренинг. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk