Марко Митев го пропушти скопскиот дуел со Бјерингбро - Силкеборг, но беше на располагање на тренерот Кирил Лазаров за возвратниот меч во Данска.
Стилот на играње на скандинавците му одговара на брзиот централен бек на Алкалоид и тој во Јуск Арена беше во свој елемент. Постигна девет гола од девет шута, а ја зацели и големата болка на клубот, реализацијата на седмерците од каде биеше 3/3.
„Овој натпревар за мене, а верувам и за сите мои соиграчи е од огромно значење за тоа што нѐ чека понатаму. Сметам дека иако не го добивме овој натпревар, добивме многу на искуство и сметам дека понатаму ќе бидеме и подобри и сѐ похрабро ќе влегуваме на вакви големи и значајни натпревари.
Секоја чест за противничката екипа. И на возвратниот меч се покажа и докажа дека искуството на европската сцена значи многу, а играчите на Силкеборг го имаат многу повеќе од нас.
Овие натпревари ги гледам како можност за мене и моите соиграчи да напредуваме, да го градиме и усовршуваме нашиот стил на игра“, изјави Марко Митев.
Алкалоид денеска се врати од Данска, а веќе во петок го чека првенствен дуел со Струга што ќе се игра во „Автокоманда“ и веднаш потоа почнуваат подготовките за петтиот дуел од Европската лига, закажан за во вторник во Нови Сад, против екипата на Војводина.