Десет лоши минути го запреа Алкалоид во Данска

БЈЕРИНГБРО СИЛКЕБОРГ - РК АЛКАЛОИД 35-31 (17-16)
Јуск Арена во Силкеборг. Судии: Јап Кломпер и Коен Стубе од Холандија. Делегат: Кристијан Халдорсон
БЈЕРИНГБРО СИЛКЕБОРГ: Ловквист (17 одб 1 сед) Халбек 6, Илсо, Болдсен 6, Орис 6, Лауге, Лингард 1, Фриден 4, Тофт Хансен, Богојевиќ 4, Балинг 4, Вибе, Бјеринг, Солстад 4, Кнудсен, Санд
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 6 мин.
РК АЛКАЛОИД: Трајкоски (5 одб), Галевски (4 одб), Џонов 4, Маркоски 1, Серафимов 4, Стојчевиќ, Стојковиќ 3, М. Митев 9, Ѓоргиев 2, Велковски 2, Омерагиќ, Бинго 4, Кофилоски, Д. Митев, Савревски 2
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 6 мин.

Алкалоид и Силкеборг одиграа допадливо прво полувреме, убав за око ракомет, со надигрување, наттрчување и изработени акции во кои двата тима покажаа со каков ракометен квалитет располагаат.
Данците ја добија оваа делница, минимално, 17-16, но лесно работите можеа да бидат поинакви. 



Алкалоид играше организирано и добро, но реализацијата којзнае кој пат беше лоша и данскиот голман имаше 10 интервенции за само 15 минути игра. Не е тој толку добар голман па да фаќаше невозможни топки, едноставно македонските ракометари, откако ќе одработеа до чиста ситуација, кога ќе требаше да погодат, погодуваа... ама во голманот. 
На спротивната страна, тоа не беше случај и тие ги реализираа речиси сите свои шанси. Резултатот, освен во 10 минута кога беше 7-3, воглавно беше гол до три гола разлика. Мартин Серафимов во овој дел имаше добра партија и реализација. Додека за одбраната, најголем проблем беше брзиот Халбек кој успеаваше да си направи простор на средината и да погодува од повеќе позиции, најчесто без потреба да се пробива до линијата. 
Во втората половина од првиот дел, Алкалоид доби повеќе опции со влегувањето на Марко Митев, па резултатот се стесни. Стигна поддршка од младиот Галевски, Марко Стојковиќ добиваше употребливи топки на линијата и генерално изгледаше добро на теренот Алкалоид. Во секој случај со побрза транзиција од Данците, што е куриозитет кога се работи за македонски ракомет. Намали на 8-9, Алкалоид, потоа израмни и на 13-13...
Но, имаше и неколку неизнудени технички грешки или како што тренерот Лазаров на тајм аут подвлече: 
„Три топки им ги дадовте во раце“. 
Голманската статистика на Ловквист и техничките грешки направени во серија придонесоа на полувреме да биде само гол предност за домашните. 
Данците без Расмус Лауге го играа првиот дел, но главниот играч во втората половина на полувремето беше капитенот и донеодамна стандарден, сега резервист во данскиот национален тим - Николај Орис. 



Вториот дел почна лошо. Техничките грешки продолжија, Ловквист запиша своја 13 одбрана, Силкеборг направи лесна серија од 3-0 и Лазаров мораше да бара тајм аут уште веднаш, уште пред да го постигне првиот гол Алкалоид во продолжението при 16-20. 
Но, влегоа во лош ритам скопските играчи и серијата стана 5-0, а водството 22-16. Митев по осум минути игра го постигна првиот гол за Алкалоид во вториот дел и тоа од седмерец.
Потоа стана полошо, пред да стане подобро.
Силкеборг поведе со седум гола разлика, ја одржуваше таа дистанца извесно време, а потоа Алкалоид се врато назад на минус четири, потоа и на минус три негатива.
Имаше седум-осум минути Алкалоид да напрви нешто поголемо на овој меч, но овој пат нападот погодуваше, но одбраната не успеа да се спречи, особено на играта 7 на 6. 
Гол за гол до крајот и мечот заврши со победа од 35-31 за Бјерингбро - Силкеборг. 





 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk