Еурофарм Пелистер денеска ќе го игра седмиот натпревар во Лигата на шампионите. Во следните осум дена претстојат два натпревари со унгарскиот ПИК Сегед, а првиот се игра во Унгарија, попладнево од 18:45 часот.
Е. Пелистер по шест одиграни натпревари има исто толку порази и шансите да се пробие до елиминациите иако во теорија постојат, во пракса се нереални. ПИК Сегед и ППД Загреб се пред нашиот првак, а тие веќе имаат по пет освоени бодови на салдото.
Без оглед на незадоволството од ваквиот расплет на сезоната, ова е во моментов нашата реалност и треба од поинаков агол, а не исклучиво низ призма на резултатот да се гледа на настапот на битолчани во Лигата на шампионите.
За Е. Пелистер ова е нова шанса да се рекламира во Европа, да учи, купува и напредува како клуб по големата пауза од настапи меѓу европската елита. На нив е да го претворат настапот во ЛШ во плусеви за клубот. Бранко Ангеловски е тренер кој има напредни сфаќања во повеќе сфери од функционирање на клуб, сега ќе има шанса во пракса да претвори дел од своите квалитети во бенефити за клубот.
ПИК Сегед вечерва ќе има улога на голем фаворит, а истото ќе биде и за седум дена со тоа што битолчани тогаш ќе имаат ветер во едрата од домашната публика. Но, прво треба да се одработи средбата во Унгарија, а ПИК Арена свој дом ја нарекуваат ракометари како Дејан Бомбач кој ја игра петтата и веројатно последна сезона во сино-бело, потоа Борут Мачковшек, Мигел Мартинс, Имањол Гарсиандија, Марио Шоштариќ, па домашните играчи Рихард Бодо, Роланд Миклер, Бенце Банхиди...
Клубот е во процес на транзиција, а транзитната сезона е токму тековнава. Уште пред да почне сезоната се знаеше дека следната во овој клуб доаѓаат нови тренери (Михаел Апелгрин и Јонас Калман), а со себе носат скандинавски засилувања како Оли Митун, Тобијас Тулин, Тобијас Грондал итн. Комплетно нов проект во кој актуелните играчи се обидуваат да си до одбранат статусот.
Натпреварот почнува во 18:45 часот, а ќе го пренесуваат директно македонската МТВ3 и српската ТВ Арена Спорт 3.
Поврзани вести