Наближува уште еден датум што ќе биде посебно одбележан во историјатот на македонскиот Алкалоид.
Во вторник, во Скопје, актуелниот вицепрвак ќе го игра вториот европски меч на домашен терен, вкупно трет за сино-белите.
Гостин ќе биде екипата на Бјерингбро - Силкеборг, дански клуб кој минатата сезона во сѐ поатрактивниот шампионат ја заврши на третото место во регуларниот дел, а потоа беше трет и во групата од плејоф разигрувањето. Тој пласман не му го донесе посакуваното полуфинале и битка за титула, но им донесе место во Европа.
Бјерингбро-Силкеборг, сезонава одигра голем потег, рамен на водечките Алборг и ГОГ и во своите редови на општо изненадување донесе една од најголемите ѕвезди во данскиот ракомет, играч кој покрај Никлас Ландин, Микел Хансен и Менса Ларсен одведе Данска до највисокото место на светскиот ракомет.
Тоа е Расмус Лауге (32) играч кој дојде од Веспрем, а во своето резиме има запишано и настапи за Кил, Флензбург... Тој дојде во моментите кога одново достигна врв во својата форма и во финалето на мундијалот во Шведска и Полска во јануари годинава, постигна 10 гола против Франција и ја одведе Данска до третиот златен медал по ред.
Лауге не е единствената ѕвезда во Бјерингбро-Силкеборг, таму комплетираше екипа во која има ракометар со еднакво импресивно резиме и настапи за Кил, Веспрем, некогашниот дрим тим АГ Копенхаген. Тоа е Рене Тофт Хансен (39) во екот на славата можеби најдобриот светски пивот кој игра врвно и во одбрана и во напад.
На голот го имаат Јохан Сјостранд, имаат чуварот на мрежата кој пред да дојде времето на Палицка беше првиот избор на голот на Шведска. Тој има најимпресивно резиме во клубот со настапи за Барселона, Кил, Флензбург, Алборг...
Капитен на екипата е десниот бек Николај Орис, ракометар со 60-тина настапи за Данска и освојувач на златен медал од СП 2019 и 2021.
Назад низ историјата, во овој клуб играле ѕвезди како Никлас Ландин, Анди Шмит, Јеспер Нодезбо, Кристијан Кјелинг, Мортен Олсен, а меѓу сите тие има и еден Македонец. Аце Јоновски во сезоната 2006/2007 настапуваше за оваа екипа.
Сезонава е на четвртото место на табелата со подем во резултатите и во Скопје доаѓа со серија од пет победи и еден пораз во последните шест меча.
Во ЕХФ Европската лига, во првото коло со девет гола разлика ја совладаа Ла Риоха, а на гостувањето во Нови Сад минимално загубија, откако во текот на мечот водеа и со пет гола разлика.
Бјергинбро- Силкеборг ќе биде одличен тест за Алкалоид затоа што се работи за екипа што негува брз ракомет што не се базира на силни дуели, туку на тактика и многу трчање. Предуслови и Алкалоид ракометно да се докажува, но можеби и побитно да направи квалитетна споредба со екипа од скандинавски тип и да го провери, а потоа и унапреди сопствениот начин на игра кој тежнее да биде поинаков од традиционалниот домашен ракомет и да користи што повеќе елементи од т.н. модерен ракомет.
Натпреварот ќе се игра во салата „Јане Сандански“ со почеток од 18:45 часот. Влезни билети што се по цена од 100 и 150 денари веќе се во продажба.
Поврзани вести