Лазаров: Пријателски дуел со тежина на бараж

G-sport.mk во Солун
Ричи Ѓамовски


Македонија успешно го комплетираше двомечот со репрезентацијата на Грција, натпревари што се одиграа во Солун пред малубројна, но коректна и за пример публика која во ниту еден момент не реагираше или провоцираше на национална основа. Напротив, по завршувањето на вториот натпревар, гледачите со аплауз ги испратија двата тима, а им отпоздравија и на македонските ракометари кои победата ја прославуваа на паркетот. 

Со овој двомеч заврши Неделата на ЕХФ во која имаше и позитивни и негативни моменти. Повредата на Цветан Кузманоски е пехот за македонскиот тим, а дамка на двата дуела беше арбитражата. 

„Очекував вакви натпревари“, вели селекторот Кирил Лазаров.
„Веќе кога се решивме противник да ни биде Грција и тоа на нивни терен, знаев дека нема да биде лесно. Имаат добра селекција, многу напредуваат во изминатите три-четири години и против многу подобри репрезентации од нас даваа добар резултат.
Мислам дека ова е големо искуство, беше пријателски натпревар, но самиот набој беше повеќе како официјален, малтене како бараж меч.За помладите играчи, особено оние кои се нови, ова е големо искуство да знаат да се носат во вакви тешки и тензични ситуации“, резимираше Лазаров.

„Секогаш е убаво да се победи и вчера ви кажав дека ќе одиме на победа. Жал ми е што вечерва не можевме да дадеме уште некој играч од типот на Кизиќ, но влогот со оглед на името на противникот беше поголем и знам дека и на целата македонска јавност и значи победа, макар и на пријателски натпревар против Грција.

Имаме многу за поправање и во секој дел од нашата работа, особено од оние кои треба да бидат додадена вредност. Очекувам Кузмановски да добие минутажа во Вецлар бидејќи сами видовте дека доприносе доста, но, во еден грч. Исто така се надевам дека и Филип Талески ќе има исто така поголема минутажа. Како поминува времето гледам дека минутажата е многу важна во клубовите, особено во оние каде што се играат силни натпревари. Тоа ни е важно.
За помладите е важно да стекнуваат искуство со тренажен и квалитетен процес, како ракометно, така и физички за да можеме да бидеме конкурентни на тие големи натпреварувања бидејќи гледате како одат работите, како останатите репрезентации физички делуваат.
Ние сме добра, атлетска репрезентација, која што може доста да трча, млада полетна, но има уште простор за напредок.
Сакам да им честитам на момците.
Видовте дека има добра атмосфера, борбена игра. Победата значеше многу. Тој национален набој треба да го имаме секогаш, да го негуваме тоа што малку го имаме, тоа е националниот бренд, а тоа е нашата репрезентација.
Очекувања и амбиција треба да имаме, но мора да бидеме некогаш реални и да проценуваме реално. Добро се работи, се прават грешки, но да гледаме да ги исправаме заедно со аргументи, критиката, истата да биде аргументирана. Секој треба да знае да сослуша критика, сите ние учиме тука нема збор“, заврши Лазаров.

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk