Денеска е големото дерби во Битола, доаѓа Вардар 1961

Денеска ќе биде комплетирано првото коло од вториот круг во машката Суперлига, а натпревар на денот, веројатно и на комплетната полусезона во шампионатот е гостувањето на Вардар 1961 во Битола. 

Во пресрет на овој натпревар црвено-црните побараа одложување на средбата со образложение дека имаат многу ракометари вон строј поради вироза. 
Тоа барање не беше прифатено од нивниот битолски ривал и натпреварот остана во распоредот на играње како што беше предвидено претходно.

Отворено е прашањето со каков состав Вардар 1961 ќе настапи вечерва. Колкумина од играчите со здравствен проблем ќе бидат спремни за настап? Од скопскиот табор имаше најава и дека Косуке Јашихура ќе дојде во Битола за денешниот меч. Јапонецот вчера во катарската престолнина Доха настапи за својата репрезентација во квалификациите за ОИ и беше еден од најдобрите со пет гола во победата од 32-30 над Кувајт. Со оваа победа Јапонија практично го освои првото место во групата во пресрет на последното коло од групната фаза и нивниот меч со аутсајдерот Казахстан што се игра денеска. 
По ова репрезентациите ќе имаат четири дена пауза пред полуфиналето закажано за 26 октомври. Оваа временска рамка теоретски дозволува маневар Косуке да дојде во Битола и потоа да се врати во Доха навреме за полуфиналето. 

Од друга страна, состојбата во Вардар 1961 сигурно ќе креира предност за Е. Пелистер во обидот да анулира минус пет гола (30-25 беше на првиот меч во Скопје). 
Битолчани сезонава се доста непредвидлив тим, во поглед на тоа колку од нив се очекува и верува дека можат, а колку прикажуваат на теренот. По слабиот и фрустрирачки старт на сезоната, на два-три натпревари во ЛШ, со врвни екипи сигнализираа дека се подобруваат, но и тоа на некој начин се распадна во последните 15 минути во Загреб во четвртокот. Сега одново сме на почетокот и како условно кажано непознаница ќе гледаме и на нив. 

Почетокот на натпреварот е закажан за 18:00 часот, директен ТВ пренос ќе има на МТВ. 





 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk