ШК Алкалоид со триумф над селекцијата на Канада до стабилен финиш

Претпоследното 8. коло од Светското екипно првенство во шах за сениори донесе нов триумф за ШК Алкалоид во категоријата на играчи над 50 години, при што овојпат е совладана селекцијата на Канада.

По бурното 7. коло, во кое само една партија од мечот на „фармацевтите’’ со Исланд заврши реми, овојпат тоа не беше случај, па три партии завршија со поделба на поенот, а една со победа на ВМ Трајко Недев, со што беше обезбедена и победата во мечот. Македонскиот велемајстор одигра нетипично отворање за неговиот репертоар, по што на таблата настана Холандска одбрана. Исходот на партијата беше решен во средишницата кога Недев освои фигура, предност која без проблеми ја претвори во цел поен.

На првата табла ВМ Кирил Георгиев во средишницата го надигра својот противник и се здоби со предност која поради непрецизна пресметка не успеа да ја претвори во цел поен. ВМ Звонко Станојоски, водејќи ги црните фигури во варијантата Наидоф од Сицилијанска одбрана, се соочи со проблеми во средишницата, по што беше приморан да се брани во инфериорна позиција. По долга борба ги искористи неколкуте грешки на својот противник и успеа да ја спаси партијата. ВМ Роландо Кутиров имаше предност во текот на целата партија, но неговиот противник успешно се бранеше, па партијата заврши со реми.

- Пред три години станав член на ШК Алкалоид и се уверив во сериозноста на клубот. Многу професионален однос спрема сите прашања, особено кон играчите, што го прави поинаков од сите клубови за кои претходно сум настапувал. Мојата амбиција беше да се посветам на тренерската работа со нашиот подмладок и да им го пренесувам знаењето на помладите генерации. Паралелно се вклучив и во натпреварувачкиот дел на тимот и освоив две титули со него. Притоа поработев малку и на својата игра за да го освежам репертоарот со некои модерни решенија во отворањата што сум ги играл во минатото. Овде има многу силни играчи кои порано биле во самиот светски врв, но не очекувам никој од нив да игра нешто ново, туку она што најдобро го знае. Можно е и тие да ги надградат своите знаења со нови трендови – стари знаења со нови подготовки и со нови идеи. На крајот сѐ ќе зависи од играчката форма бидејќи изедначеноста е голема, но на крајот потребно е и малку среќа – вели ВМ Роландо Кутиров.

- Ја добивме екипата на Канада со 2,5 : 1,5 одејќи со "сигурна" игра, три ремија и една победа. Очекувавме повеќе, но на победата не ѝ се гледа в заби. Во следното коло играме со третата селекција на Англија и со нова победа ќе го одржиме местото на кое сме сега на табелата. Без разлика на победата на целиот турнир, имавме добра тимска атмосфера и во одлично расположение го чекаме последнот меч – изјави капитенот ВМ Драган Јаќимовиќ.

Во ова коло и репрезентацијата на слепи и слабовидни шахисти ја совлада Шведска со 2,5 : 1,5 во категоријата на играчи над 50 години.

На табелата водат репрезентациите на САД и на Италија со по 13 бода, Исланд и Англија 1 имаат по 12 бода, додека, пак, ШК Алкалоид е петти со 10 бода.

Репрезентацијата на ветерани (играчи над 65 години) беше поразена од Австрија со 3 : 1, а утре ќе игра со Ирска, при што има изгледни шанси за нова победа во дуелот со Ирска.

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk