Друг е денеска муабетот во Битола

Малку требаше за да се врати позитивниот ракометен дух на Широк сокак. Само 60 минути, не требаше ни победа, доволно беше да се испоти дресот и машки да се удри по големиот ривал. 
Сега е друг муабетот во Битола. Одново оживеаја шампионските амбиции, иднината изгледа посветла, иако тешко дека нешто ќе се промени во Лигата на шампионите.
Единственото, пак, што не смее да се промени во Лигата на шампионите, е борбеноста, самодовербата и сѐ тоа што Еурофарм Пелистер го красеше вчера, а беше невидливо на дуелите со Вардар, Колстад и Алборг. 

„Убеден сум дека ќе ја освоиме двојната круна. Времето е нашиот пријател“, изјави вчера по натпреварот со Кил, очигледно задоволниот тренер Александар Јовиќ. 
Пелистер има време од околу еден месец до новата пресметка со Вардар во домашното првенство. Тоа е меч кој може да ги расчисти сите дилеми во Битола. За тој период Е. Пелистер ќе игра со ПСЖ, Келце, ПИК Сегед... Ќе има топ мечеви на кои ќе треба/мора да држи висока форма. Има тоа и добри и лоши страни или како што вели флоскулата „меч со две острици“. Ќе се трошат, но и ќе играат со најсилните екипи во Европа ќе мора да бидат во најдобрата форма. Тоа нема да биде случај со нивниот најголем ривал есенва. 

Иако муабетот е друг денеска во Битола, колку што „малку“ требаше за да се врати ведрината и смеата, малку треба да за да се тргне удолу. Ракометарите сега мораат да го одржат ова ниво. Следните три противника, ПСЖ, Келце и ПИК Сегед се екипи со стил на игра што дозволува многу повеќе физички контакт отколку непријатното наттрчување со скандинавците. Тоа значи, за да биде среќна чаршијата, треба да се плукне во дланките и машки да се застане пред Карабатиќи, Душебаеви итн.
Ослободени се од резултатскиот притисок, а велат дека таквите натпревари се „најлесни“ за играње. Времето е пријател на Александар Јовиќ, а потоа, за околу еден месец, ќе дојде противникот против кого ќе се дефинира (полу)сезоната. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk