Пелистер прописно го намачи големиот Кил

ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР - КИЛ 20-23 (9-11)
Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Гледачи: 3000 Судии: Бркиќ и Јусуфхоџиќ од Швајцарија
E. ПЕЛИСТЕР: Лесјак, Гедбан, Цехте 4, Кузманоски 1, Тајник 1, Кисум2, Борзаш, Танкоски 1, Радивојевиќ 5, Костески, Петровиќ 1, Петар Атанасијевиќ 2, Василев, Пешевски 3, Сери, Павле Атансијевиќ
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 6 мин
КИЛ: Беласен, Мрква, Дувњак 1, Рајнкинд, Ландин 1, Оверби 1, Винцек 2, Екберг 5, Фаус, Јохансон 1, Дамке 1, Гурбиндо 1, Валиниус 3, Билик 1, Пекелер 1, Скипаготу 5
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 8 мин.

Еурофарм Пелистер не успеа да им го честита 38 роденден на своите навивачи со победа над најголемиот ракометен клуб во светот, но гледачите можат да бидат задоволни затоа што, конечно, видоа вистинска битка од своите пулени. 



Јовиќ и Шундовски денеска ја погодија и поставата и тактиката. Го намалија бројот на напади играјќи подолги напад, се враќаа доволно брзо за да спречат лесни голови од транзиција, а одбраната им беше на место, Гедбан сосема солиден и предусловите за израмнет меч исполнети.
Публиката си го одработе своето, Кил на своата премиера виде каков е битолскиот пекол, а Филип Јиха можеби и го потецени малку битолскиот состав, па особено во првиот дел ја комбинираше поставата. 
Кил водеше за волја на вистината, но не успеа да наметне свој ритам и да се одлепи, напротив битолчани наоѓаа простор и начин како да го совладаат одличниот новодојден голман Самир Беласен.


Еурофарм дури и пропушти неколку напади за подобар резултат во првиот дел, а во вториот дел видовме малку посериозен Кил со Пекелер и Јохансон во игра и набрзина стигнаа и до напад за плус четири.
Но, најдоброто од Е. Пелистер допрва дојде, па во 44 минута Пешевски израмни на 16-16, а потоа Петровиќ изрмани и на 18-18 и напад за водство. 
Тоа не беше последниот воз за добар резултат, Но, Ландин и Скипаготу го доведоа Кил до 22-19 по што и двата тима пропуштија неколку шанси да го сменат резултатот. Нападот на Кил крахираше во четири напади по ред да зголеми на плус четири и да ги реши дилемите. Следствено на тоа Калифа Гедбан имаше свои пет минути во финишот и со две одбрани во ситуација кога имаше играч помалку му даде шанса на својот тим да се бори за минус еден (20-22). 
Таков напад имаше на минута и пол до крајот кога Атанасијевиќ непрецизно биеше, по што Екберг ја поправи својата слаба вечер со гол за 23-20 што беше и конечен резултат. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk