Романскиот ракомет е пред „распад-систем“

Романија е ракометната Мека, особено во женскиот клупски ракомет. Десетина клубови со милионски буџети, главно јавни пари, многу странци, високи плати. Не е чудо што сите големи ѕвезди сакаат таму да играат, вклучително и тие од богатите сканди држави. 
За споредба, заедно првите три женски клуба во Романија имаат буџет поголем од целиот ваучер систем во Македонија околу кој со години овде се кршат копја и се водат битки и дискусии. 

Сето тоа може да се смени следната недела, предупредуваат романските медиуми.
Во Романија се гласа нов даночен закон, а тоа за спортот, конкретно за ракометот значи следно:

Договорите на спортистите ќе бидат оданочени со 30% место досегашните 11%. 
Па така на пример, нивната најскапа ракометарка, Кристина Неагу која според некои информации има месечна плата од 20.000 евра, ќе мора на државата да ѝ врати 6.000 место досегашните 2.200 евра месечно. Во машките тимови ситуацијата ќе биде истата. 

Но, повисоките такси на спортските договори не се најголемиот проблем. 

Согласно измените во фискалниот закон што треба да се усвојат, клубовите што се финансираат од градски пари нема да смеат од тој фонд да понудат плата на играч што е повисока од 6.000 евра! А од градски пари се финансираат речиси сите. 
Па така за да ја исплатат Кристина Неагу која и натаму ја земаме за пример, клубот ќе мора да најде 14.000 евра пари од спонзори. Овој закон на сила би требало да стапи од 1 јануари 2024. Неагу својата плата непроменета ќе ја зема до јуни, но тогаш и истекува договорот. Потоа важи новиот закон. 
Ќе најде ли клубот спонзорски пари за да го надополни минусот од 14.000 плус 19% повисок данок за да и ја понуди истава плата? 
Дали е на прагот голема разделба на светските ѕвезди и романските клубови?
Според пишувањата на романските медиуми, Крина Пинта на пример заработува 11.000 евра месечно, холандскиот ас Естевана Полман игра во Рапид за 10.000 евра. Веројатно и најголемиот број на звучни странци како Лука Циндриќ, Али Зеин, Владимир Цупара итн. се преку 6000 евра месечно. 

Романскиот ракомет е пред средба со незгоден противник што ќе ја стави на тест целата „љубов“ што цветаше меѓу клубовите и играчите додека без ограничувања се менаџираа со пари од градските каси. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk