АЛБОРГ - Е. ПЕЛИСТЕР 38-23 (18-10)
АЛБОРГ: Норстен, Ландин 2, Нилсон 4, Ларсен 1, Бартолд 1, Халд 3, Хоксер 2, Турин 3, М. Ларсен 1, Влах 7, Бјорнсен 2, Мелгард, Антонсен 2, Јул 3, Хансен 5, Мунк 2
E. ПЕЛИСТЕР: Кизиќ, Лесјак, Сехте 2, Кузманоски 3, Тајник 4, Кисум, Боразш 1, Танкоски, Костески 2, Нилсен, Петровиќ 7, Петар Атанасијевиќ 1, Ѓорговски, Пешевски 2, Стевановиќ 1
Еурофарм Пелистер доживеа резултатски бродолом на гостувањето во Данска, во рамките на второто коло од Лигата на шампионите.
Битолскиот состав загуби со преубедливи 15 голови разлика, на натпревар на кој, ако ги бараме само добрите страни, ќе издвоиме дека издржа 15 минути европски ракомет.
Битолчани на стартот на натпреварот беа рамноправни, на моменти имаа и водство, но за нив натпреварот заврши во 18 минута при резултат 8-8.
Од тој момент, до крајот на средбата играше само Алборг. Со серија од 10-2, без да се види некоја голема агресија или жестокост на теренот, Данците стигнаа до 18-10 на полувреме.
Во вториот дел, по пет-шест минути игра, на семафорот светна и првата десетка (24-14), а серијата продолжи до плус 15 (29-14).
Тренерското дуо на Е. Пелистер немаше што да направи, домашниот тренер ги изротира сите играчи, а уште во раната фаза на вториот дел ги седна на клупа ѕвездите Хансен и Ландин.
Агонијата заврши на 15 гола разлика. Но, нема светло за крај на тунелот за Е. Пелистер. Следен гостин во Битола е екипата на Кил.
Поврзани вести