E. Пелистер сервираше разочарување

Битолската ракометна еуфорија уште вистински не почнала, а веќе се најде на удар на јавноста и клубот и екипата и тренерите. Особено тренерите. 
Вчерашната средба во Струмица предизвика лавина од коментари за перформансот на актуелниот шампион, дел би рекле издржани, дел со содржина што не сакате да ја знаете.

Е. Пелистер се претстави на првиот официјален меч сезонава во издание што би поминално за контролен натпревар, а не за битка за пехар и не против Вардар. 
Црвено-црните, иако имаат и помал буџет следствено и купуваа играчи спред длабочината на џебот, вчера изгледаа многу подобро организирани, со повеќе идеја, жар и како што вели познатата флоскула - „повеќе ја посакуваа победата“. 
Вардар суштински не одигра нешто поразлично од тоа што го видовме во финалето во Струга или на дуелите со РНЛ. 
Јашухира - Лазаревски, Петриќ - Николиќ, Јагуриновски... Своето си го одиграа или одработија Срдановиќ, Ѓукиќ, Мишевски, Томовски. Доволно за првиот пехар по две години повторно да се врати во Скопје. Во тимот и овој пат „не ги видовме“ Ансер, Мело, Гарсија... 

Вардар може да слави и да смислува како да го пополни времето до новиот дуел со битолскиот тим кој се чини разнишан уште по првата рунда, а мечот допрва почнува. 

Големи беа очекувањата, летово се создаваше тим за ЛШ, но Еурофарм Пелистер сервираше разочарување. Првенствено во одбраната. Јашухира имаше простор да игра колку сака и речиси никој не стигна ни да го фаулира. Самоубиствена, пардон, харакири стратегија имаше дефанзивната зона во однос на супербрзиот Јапонец. Петриќ имаше простор да шутира колку сака и не пропушти да ги собере пајажините на голот во салата „Парк“, а притоа не можеме да кажеме дека видовме континуиран, координиран напор да биде исфрлен од комфорната зона. Дури и Николиќ се изнаигра за „сите“ пари и постигна неколку ефектни погодоци. Целата дефанзивна формација беше слабо подвижна, неагресивна и бавна, а како плод на задоцнетите фаули се заредија и исклучувања особено во првиот дел. 

Нападот беше нешто посветла точка, но и таму останаа многу прашалници. Кисум единствено погодуваше од дистанца, но ни остана нејасно дали во пакет со Домен Тајник на теренот едниот, во случајот Словенцот не влегува во инфериорна положба. Се обидуваме да го вратиме филмот назад и да извлечеме ситуации во кои Словенецот направи нешто за паметење, но освен впечатокот дека може многу подобро од тоа што вчера го одигра, друго не би можеле да одбележиме. Не би замериле ништо на крилата и пикерот. 
Немаше ниту шутеви преку зоната, па нејасно и натаму ни е зошто Борзаш не влезе ниту минута, а Стевановиќ не беше ниту во ростерот. На крајот на денот, па ниту Ѓорговски не беше во тимот иако и тој е шутер. Жарот во борбата, агресивноста, мотивацијата би рекле дека не беа на ниво на дерби.

Дали можеби Е. Пелистер криеше карти за следната дерби пресметка, која не е за престиж и пехар туку за нешто што се брои, а тоа се бодови?
Не би можеле да кажеме ниту да, ниту не. Дури и да е така, тогаш наш став е дека е одбран многу лош момент и противник. Вардар по овој меч се крена од пепелта од Европската лига, додека Е. Пелистер го запали фитиљот на бурето барут на кое е седнат. 

Следно за македонскиот шампион е дуел со Колстад во Лигата на шампионите односно со Сандер Сагосен, Јоран Јоханесен, Магнус Албелвик Род итн. Потоа одново со Вардар и тоа на гости. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk