Ладење за шампионот, првиот пехар е за Вардар

ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР - ВАРДАР 1961  26-30 (13-13)
Сала: „Парк“ во Струмица. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегати: Драган Начевски и Камер Металари
ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР: Гедбан, Кизиќ, Цехте 3, Кузманоски 1, Тајник 1, Кисум 6, Борзаш, Танкоски 2, Радивојевиќ 7, Костески 1, Петар Атанасијевиќ, Васиљев, Пешевски 5, Сери, Павле Атанасијевиќ
Седмерци: 4/4 Исклучувања: 8 мин.
ВАРДАР 1961: Томовски, Гогов, Јагуриновски, Аларов 1, Карапалески, Јашухира 3, Ансер, Лазаревски 3, Срдановиќ 8(6), Николиќ 5, Петриќ 7, Ѓукиќ 1, Атансовски, Мело, Мишевски 2
Седмерци: 7/8 Исклучувања: 4 мин.

Вардар е освојувач на шестиот Супер Куп на Македонија. Денеска во Струмица, црвено-црните го совладаа актуелниот шампион Е. Пелистер и по четврти пат го подигнаа победничкиот пехар. 
Вардар го доби првиот дуел со големиот ривал на меч што беше допадлив за гледање и мина во добар ред. Сега следи, првенственото одмерување на силите меѓу истите ривали. 

Првиот дел резултатски беше израмнет, но и не ги исполни очекувањата во поглед на динамиката и жарот на теренот. Е. Пелистер брзо ја презема контролата, но не направи некој посериозен резултатски исчекор, а Вардар релативно лесно го следеше резултатот, благодарение пред сѐ на статичноста и анемичноста на противничката одбрана, но и добрите решенија на Јашухира, Петриќ и Лазаревски, во прв ред.
На спротивната страна Кисум и Пешевски беа играчите што најчесто беа запишувани на листата на стрелци, со поддршка од Радивојевиќ. Но, барем за нас остана впечаоткот дека тоа не беше течно со некој ритам, туку акција по акција, секоја за себе. 
Рековме Е. Пелистер ја презема иницијативата водеше 5-3, 7-5, а потоа израмни Вардар и поведе 9-8, за во игра гол за гол на полувреме да се замине со резултат 13-13. 

Темпото се подобри во вториот дел, во кој Вардар го диктираше резултатот, а битолчани со сѐ поголеми маки го следеше. Танковски и Атансијевиќ за момент внесоа свежина, но не го сменија стилот на игра. На спротивната страна, пак, имаа свои моменти повеќе ракометари на Вардар. Мишевски стрелаше двапати, Срдановиќ без грешка ги решаваше седмерците, но генерално Јашухира и Лазаревски беа клучните играчи. 

Решавачкиот момент беше на пет минути до крајот кога Е. Пелистер при резултат 25-26 напаѓаше за реми. Во слабо организиран напад, што заврши со некаков обид за цепелин битолчани ја фрлија во аут последната шанса. 
Следеше мало ремек дело на Јапонецот за плус два, потоа одбрана на Томовски и шампионот мораше уште на стартот на сезоната да се збогува со еден од лани освоените пехари. 

ДОСЕГАШНИ ДУЕЛИ НА СУПЕР КУП
2017 година Вардар – Еурофарм Пелистер 30-25 (СЦ Јане Сандански, Скопје)
2018 година Вардар – Металург 33-24 (Отворено игралиште Горан Попоски Бабец, Струга)
2019 година Вардар – Металург 26-24 (Спортска сала Куманово, Куманово)
2021 година Еурофарм Пелистер – Вардар 31-22 (СЦ Борис Трајковски, Скопје)
2022 година Еурофарм Пелистер - Вардар  23-22 (Билјанини извори, Охрид)
2023 година: Еурофарм Пелистер - Вардар 1961 26-30 (Сала „Парк“ во Струмица)
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk