Вецлар има голем (напаѓачки) проблем

Екипата на Вецлар за која настапува македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски имаше лоша ждрепка при формирањето на распоредот на натпревари и во првите две кола се сретна со најсилните екипи - Магдебург и Кил. 
Меѓутоа солидните партии од предезоната, ракометарите на Вецлар кои имаат и нов тренер на клупата не успеаја да ги пресликаат ниту делумно на теренот во првите две кола. 
Напротив, Вецлар има голем напаѓачки проблем и по 15:31 против Магдебург на кој не успеа да даде двоцифрен број на голови во ниту едно од полувремињата, следеше силен удар од Кил каде што првото полувреме заврши со резултат 15-4. 
Вецлар во првите 20 минути постигна само 1 гол, а голманот на Кил, Томас Мрква имаше 14 одбрани и само 4 примени гола!
Подоцна Кил водеше и 27-11, па дури потоа ппочна Вецлар да дава голови и средбата ја заврши со попристојни 22-33, односно во вториот дел постигна 18 гола, само еден помалку отколку на другите три полувремиња заедно. 
Нашиот интернационалец Филип Кузмановски на дуелот со Кил имаше остварување 0/2. 

Вецлар е екипата што е најинтересна за нас од бундеслигашката понуда, затоа што покрај Филип Кузмановски, таму на купата во улога на асистент е и Филип Миркуловски со кого Вецлар имаше (нај)добри резултати во периодите кога тој беше прв тренер. Вецлар исто така важи за екипа каде што Македонците најдобро минуваат, а таму претходно имаат играно и Дејан Манасков и Јане Цветковски. 

Вецлар минатата сезона во самиот финиш избори опстанок, но клубот не направи клучни обиди да се засили и да избегне слично сценарио и за сезонава. Напротив, сега на социјалните медиуми се зборува и за ново наводно договорено заминување, а тоа е на црногорскиот играч Стефан Чавор, за следната сезона. 
Како ќе тече сезоната ќе видиме, првите две кола не се вистинскиот репер, би требало да биде подобро веќе од следното коло кога во Вецлар ќе гостува Лемго.  


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk