-
30.07.2023
-
Вести, Планета ракомет
Потпретседателот на СЕХА и менаџер-директор на СЕХА - Исток, Борис Сапожњиков е личноста која најчесто се појавувува во медиумите во Русија кога се појавуваат информации за оваа регионална лига што се претвори во меѓународно натпреварување.
Сапожњиков во интервју објавено на порталот „Брз Центар“ откри нови детали и планови на СЕХА.
Првенствено, „Куп на пријателството“. Овој турнир ќе се игра од 1-3 септември во Сакарија, Турција и е замена за нереализираниот „Ф4“ формат по кој СЕХА Југ требаше да игра со СЕХА Исток минатата сезона. Поканети се сите досегашни освојувачи, но на местото на Вардар 1961 кој во тоа време игра квалификации за Европската лига со Рајн Некар Ловен, повикана е Војводина. Српскиот првак веднаш прифатил да учествува.
Во Сакарија, така би требало да се појават ППД Загреб, Веспрем, Војводина и Мешков Брест.
„Сигурен сум дека ова ќе биде најдобриот Фајналфор во историјата на СЕХА“, изјави Сапожњиков.
Но, најавите на потпретстедалот за следната сезона се и атрактивни и контроверзни.
Во СЕХА Исток би требало да игра кинески клуб што нема да биде прв пат. Во СЕХА ќе има место и за екипи од Турција, Иран и други земји од Средниот Исток. Кои и од каде, тоа ќе го кажат кога ќе биде време.
За СЕХА Југ, Сапожњиков вели дека нема да играат истите тимови, но сигурно ќе играат Веспрем и српските екипи. Со другите се преговара.
Ова е алармантен момент. Еден од фундаментите на кои е формирана СЕХА е тоа да има загарантирано место за две екипи од Македонија и Хрватска и тоа не кои било туку шампионот и вицешампионот. Ова е затоа што Македонија и Хрватска своевремено ја формираа СЕХА и на овој начин од почеток ги штитат сопствените интереси.
Ако Русите кои последните години ја спонзорираат лигата имаат моќ да преземат сѐ и можат да го сменат и овој дел, тогаш барем што се однесува до Македонија, СЕХА веќе нема да биде лигата формирана на познатите принципи и нејзината важност ќе биде сосема поинаква.
Photo: press service of Viktor Group, Elena Razina / SEHA-Gazprom League
Поврзани вести