Вардар 1961 е еден од петте македонски клубови што утре ќе бидат дел од најголемата предсезонска ждрепка за Европските купови 2023-24.
Црвено-црните се во единственото квалификациско коло кое води во групната фаза од Европската лига (ЕЛ). Со годинешните измени во системот на натпреварување, проширување, новите бодувања, распределби и критериуми, само 10 клуба ќе играат квалификации. Поделени се во две групи, а Вардар е во послабата според ранкингот.
Македонскиот претставник е во групата со екипите на Тримо Требње (Словенија), Акваш Санташ (Португалија), Констанца (Романија) и Хановер (Германија). Нема да има заштита, па две екипи од иста земја можат да се сретнат во квалификациите.
Првите натпревари се играат на 26/27 август, реванш натпреварите една недела подоцна.
Можни противници на Вардар се следниве пет екипи:
РАЈН НЕКАР ЛОВЕН - ГЕРМАНИЈА
Ова е противникот кој никој не го посакува во ждрепката. Го освоија петтото место во Бундеслигата, затоа играат квалификации. Годинава имаат пообемни играчки промени, но малку од нив на стартните позиции, повеќе би рекле дека ја екипираа логистиката на првиот тим. Како и да е, заминаа Албин Лагергрин (Магдебург) и Лукас Нилсон (Алборг), а тоа се две звучни имиња. Заминаа и Кристијан Хоржен и Бенјамин Хеландер.
Во екипата се враќа од калење Филип Ахуаносоу, можеби го паметите го водеше германскиот тим на кадетскиот мундијал во Скопје во 2019. Дојдоа и неколку скандинавци - Јон Андерсен, Густав Давидсон, Стевен Јакобсен и Арнор Оскарсон.
Од актуелниот состав, веруваме ќе ги препознаете Уве Гензајмер и Патрик Гроцки, потоа Халил Јагањац, Јаник Колбахер, Никлас Киркелоке.
АБЦ БРАГА - ПОРТУГАЛИЈА
Брага е можеби најпосакуваниот тим во ждрепката. Го освоија четвртото место, зад тројката Порто, Спортинг, Бенфика и тоа би требало да ги стави на ранг листа дури и подолу од Вардар. Годинава имаа поголеми играчки промени, заминаа седум ракометари. Еден од нив доаѓа во редовите на Вардар, Кубанецот Ансер Родригез.
ГРАНОЉЕРС - ШПАНИЈА
Од улога на аутсајдери, екипа во која нема којзнае колку звучни имиња, стигнаа до финалето на Европската лига. И тоа ги прави екипа од која треба да се плашат противниците. Еден од нивните најдобри играчи стана Јусуф Фарук, Нигериецот што Бутел Скопје го ангажираше во 2019, ама тој не се појави во Скопје и потоа потпиша за Келце од каде го позајмија во Шпанија. Лоша ждрепка би бил ваков противник.
ИШТАД - ШВЕДСКА
Иштад не звучи познато, традиционални шведските екипи се такви да може да се игра против нив, но со овој тим треба да се биде внимателен.
Прва ѕвезда на клубот е еден од најдобрите на Шведска на сите времиња - Ким Андерсон. Тој дава сигурност и стабилност, иако помладите ја влечат транзицијата многу добро. Немаат звучни репрезентативни имиња, но имаат искусни ракометари од типот на Стенлман, Мансон итн.
ВИНТЕРТУР - ШВАЈЦАРИЈА
Легендарниот дефанзивец Виран Морос игра за оваа швајцарска екипа. Имаат пивот од Португалија, бекови од Србија и Алжир, голман од БиХ. Подобар избор се секако од Гранољерс и особено РНЛ, но не е швајцарскиот клуб прошетка низ парк.