Вардарова „егзотика“ за следната сезона

Мозаикот во екипата на Вардар 1961 се склопува со уште еден егзотичен елемент кој доаѓа од Јапонија. Младиот Косуке Јaшухира (23) доаѓа како позајмен играч од полската Висла Плоцк. 
Овој ракометар во Полска дојде минатото лето од францускиот Ним, како краткотрајна замена за повредените Фазекаш и Миндигиа. Брзо се покажа во полското првенство и доби нов двегодишен договор, но летово Висла потпиша со Миха Зарабец од Кил и Јапонецот немаше да добие многу минутажа, па оди на позајмица во Скопје. 

Иако Полјаците беа задоволни од Јашухира, во домашното првенство, тие не го користеа во Лигата на шампионите многу. Таму постигна само седум гола на 12 натпревари. Само на еден меч постигна два, другите пет гола ги постигна на пет различни натпревари.
Овој играч во Вардар треба да донесе нешто ново. Се работи за брз играч што или ќе го промени стилот и системот на игра на Вардар или ќе ја има истата улога што ја имаше во Висла. 
Вардар досега, покрај Јапонецот донесе и по еден бек од Србија, Португалија и Куба, а можно е и враќањето на Дутра од Бразил. Вака Вардар го има можеби најегзотичниот тим досега. 

Од екипата заминаа Филип Талески, Куни Моралес, Јан Чувара, ќе почекаме за статусот на позајмениот Дутра, а најавено, но непотврдено е заминувањето и на Манасков, а играчки и на Стоилов. 

Прашањето е дали оваа вардарова „егзотика“ е доволна да се врати во битката за шампионскиот пехар со Е. Пелистер? 

Друго многу важно прашање е дали Вардар ќе игра во Европската лига? Откажувањето на турнирот во Охрид, вели дека црвено црните се спремаат за квалификациите. Но, квалификациите се една мошне комплицирана работа во која првенствено ќе им треба многу среќа. За купување играчи и натаму има многу време. 

За неколку дена е најавено претставувањето на екипите што ќе играат во Европската лига. На 17 јули ќе биде одржана ждрепката за квалификациите и ако Вардар игра, тогаш ќе дознаеме против кого. 
Четири дена подоцна ќе биде извршена и ждрепката за групната фаза во која како сигурен претставник би требало да го имаме вицешампионот Алкалоид. 



 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk