Македонски пар во проектот „ЕХФ Млади Судии“ на ЕП У17

Европско отворено првенство (European Open Championship)  е неофицијално Европско првенство во млади категории што го организираат ЕХФ и Ракометната федерација на Шведска. Се одржува на две години, а годинава ќе учествуваат ракометари до 17 години. Ваква категорија нема во рамките на ЕХФ или ИХФ, но федерациите имаат помлади екипи што ги спремаат за официјалните ЕХФ натпревари. 
Годинава во Гетеборг ќе играат 20 репрезентации до 17 години. Сите се европски тимови, освен специјалниот гостин - Бразил. 
Од Балканот, ќе учествува единствено Хрватска, но не е лоша идеја за 2025 и Македонија да размисли за настап. 
Организаторот сака да се пофали и да каже дека на овој турнир своевремено низ годините играле ѕвезди како Арон Палмарсон, Уве Гензајмер, Никлас Екберг или пак Нора Морк, Кристина Неагу, Изабел Гулден...

На ЕОП 2023 ќе има македонски претставници. Двајца македонски перспективни судии преку овој турнир влегуваат во проектот „Млади Судии“ што е едно скалило погоре и тоа води кон добивање на ЕХФ значка. 
Македонските судии што ќе делат правда на ЕОП 2023 се Марко Огњановски и Дамјан Савиќ. 

Оваа македонска судиска двојка има добар прогрес и напредува во секопј поглед. Минатата година судеше во Полска, на Универзитетските игри, а сега прави нов чекор на меѓународната сцена. ЕОП 2023 е одлична можност уште еднаш да се докажат. Во тоа воопшто не се сомневаме затоа што ракометните судии од Македонија се со добро педигре и добро потковани. 

ЕОП се одржува во Гетеборг, за време на најголемиот ракометен фестивал во светот - Партиле Куп. Но, ЕОП е додадената вредност и за разлика од Партиле Куп се игра во сала, а не на отворено и е официјален турнир во Календарот на ЕХФ. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk