Европската ракометна федерација (ЕХФ) во понеделник ќе одржи гала прослава во Виена по повод 30 годишнината од постоењето на федерацијата. Тоа ќе биде голема манифестација на која ќе присустуваат голем број на гости, вклучително и од Ракометната федерација на Македонија (РФМ).
Во склоп на прославата , ЕХФ ќе ја отвори својата прва „Куќа на славните“. Во првиот бран на членови на ова ексклузивно одбрано друштво ќе влезат само 60 играчи, вкупно во машка и женска конкуренција. Ќе бидат покриени сите позиции, вклучително и најдобрите одбранбени ракометари низ историјата. Ракометари од само 15 земји во оваа прва фаза ќе ќе бидат инаугирирани како членови на „Куќата на славните“. Имињата на овие 60 играчи што го одбележале спортот низ историјата, ЕХФ ги чува како своевидно изненадување.
Дали Македонија ќе има претставник во ова елитно друштво?
Со оглед на малиот број на членови што влегуваат во игра, големата конкуренција низ времето, можеме да извлечеме само едно име - Кирил Лазаров.
Кралот на стрелците во Европа има зад себе рекорд на постигнати голови во историјата на Лигата на шампионите, рекордер/најдобар стрелец е во историјата на „сингл“ Светско првенство, уште еднаш најдобар стрелец на СП, потоа најдобар стрелец на ЕП, двапати најдобар стрелец на Лигата на шампионите по сезона, освојувач на Лигата на шампионите итн.
Тоа е бројки што уште долго ќе бидат недостижни, а секако се препорака за влез во „Куќата на славните“.
Кирил Лазаров е поканет и ќе биде во Виена, останува да го почекаме понеделник и да видиме дали ќе стане дел од најелитното друштво на сите времиња.
ЕХФ во понеделник за прв пат ќе промовира и Ол Стар тим на сезоната и МВП за 2022/23. Изборот беше масовна, гломазна операција во која како кандидати влегоа сите што биле во тимот на колото во ЛШ и ЕЛ, како и најдобрите од СП 2023. Потоа со гласање на фанови, комисии итн. се дојде до седморката плус најдобриот дефанзивец и млад играч.
Во оваа конкуренција сезонава, нема македонски играч.