Првиот човек крева раце од Келце!

Само што заврши една криза и драма во Келце, почнува нова. Првиот човек на клубот и најзаслужниот за сите успеси и уште поважно опстанокот во последните неколку години, Бертус Сервас, објави дека се повлекува од фукнцијата. 
Одлуката дека заминува од клубот, Бертус Сервас ја соопштил на платото пред Ланксес Арена“ во Келн, по завршувањето на финалето од ЛШ.

„Дваесет и една година го градевме клубот заедно, но моето време истече. За жал, здравјето не ми дозволува да продолжам како главен извршен директор. Многу работи се случија годинава, имаше многу емоции. Научив многу, ви благодарам на сите. Се надевам дека клубот секогаш ќе биде важен за градот. 
Ве молам да ја разберете мојата одлука. Добро размислив пред да ја донесам“, изјави Сервас. 

Засега не се знае дали тој ќе остане во клубот и каква улога би имал во тој случај. Како и да е, пред Келце е ново возење во познатиот ролеркостер и тоа вклучува опции од комплетен колапс, играње со млади категории, до одржување и подобрување на сегашното ниво. 
Овој полски клуб има десетина играчи што се позајмени во разни екипи низ Европа и лесно може да состави и два тима што би можеле да играат во ЛШ. Но, сѐ се врти околу парите, а без Сервас на кормилото да бара спонзори и поддржувачи иднината на Келце, долгорочно, не е розова. 


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk