Нов систем во Суперлигата, предлогот наскоро на маса

Клупскиот ракомет во Македонија функционира како жива материја која постојано се менува и треба да се следи согласно реалната состојба во моментот. Следствено минативе сезони имавме промени на системот на натпреварување кои беа под директно влијание не само на промените на клупската сцена туку и на Ковид моментот, се додека не се дојде до актуелниот систем во кој во Суперлигата се натпреваруваат 16 екипи. Овој систем често беше критикуван дека го разводнува квалитетот во првиот дел од сезоната и се бараше квалитетот да биде сконцентриран. 

Главно поради тоа, овој систем  ќе претрпи измени. Беше извесно време предмет на анализи и дискусии, се додека не се формулираше предлог за нов подобрен и надграден систем што ќе биде презентиран уште викендов, а потоа ќе биде и точка на дневен ред за гласање на собранието што ќе се одржи на есен. 

Суперлигата останува со 16 екипи што сега ќе бидат поделени во Супер Лига „А“ и Супер Лига „Б“. Сите 16 екипи ќе имаат суперлигашки статус, со други зборови нема да има разлика од досега кога е на пример ваучерот во прашање. 

Промената ќе се однесува за сезоната 2024/25, а екипите што сезонава ќе остварат пласман од 1-7 место ќе играат во Супер Лига „А“. Екипите што ќе бидат пласирани од 10-14 место ќе играат во Супер Лига „Б“, надополнети со двете екипи од Прва лига.
Екипата што ќе биде осмо место во Плејоф ќе игра бараж со екипата што ќе освои прво место во Плејаут. Победникот ќе игра во Супер Лига „А“, поразениот во Супер Лига Б.

Оваа промена е со цел да се подобри квалитетот и да има натпреварувачка тензија во текот на целата сезона. Потоа, по завршувањето на шампионатот што ќе се игра 2х14 кола, (пр. Вардар и Пелистер ќе играат двапати во Скопје и двапати во Битола) во Супер лига „А“ опстануваат првите шест екипи. Седмопласираниот игра бараж со второпласираниот од Супер Лига „Б“ Осмопласираниот се сели во Супер Лига „Б“, а победникот од Супер Лига „Б“, следната сезона ќе игра во „А“ Суперлигата. 

Од Суперлигата „Б“ во понизок ранг испаѓат две екипи и ќе бидат заменети со шампионот и второпласираниот од Првата лига. 

Ќе се смени начинот на бодување и ќе биде ист како во Европските натпреварувања. За победа ќе се добиваат два место досегашните три бода. Нерешено останува еден бод, пораз и натаму ќе си значи нула бодови. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk