Двата ЛШ финалисти прошле низ „Кале“

Викендов во Будимпешта беше поставен рекорд на гледност во живо на женски ракометен натпревар. Точно 20.022 гледачи имаше во арената во Будимпешта на полуфиналните и на финалниот натпревар. 

Само девет гола и недостасуваа на Норвежанката Хени Рејстад да стане најдобриот стрелец во сингл сезона во Лигата на шампионите на сите времиња.
Рејстад сезонава постигна 142 гола, но тоа е доволно само за второто место. Рекордер останува Русинката Наталија Морскова како играч на МАР Валенсија од сезоната 1996/97 во која постигна 150 гола. 

„Утеха“ за Хени Рејстад е втората награда - таа е најдобриот стрелец во историјата на Ф4 турнирите со 60 гола од настапи на четири Ф4 турнири. 

Ана Вјахирева ја доби својата четврта МВП награда. Таа беше најкорисен играч на две Олимпијади (Рио и Токио), на ЕП 2018 и сега на Ф4 во ЛШ. Прв пат ја освојува Лигата на шампионите. 

Вајперс Кристијансанд трет пат по ред е европски шампион. Таков подвиг досега има остварено Ѓер (2017, 2018 и 2019). Серија од четири шампионски титули по ред имаат два тима. 
Хипо беше европски првак во низа од 1992, 1993, 1994 и 1995. 
Спартак Киев дури двапати има ваква серија. Најдоминантниот клуб на сите времиња беше шампион во низа 1970, 1971, 1972 и 1973, а потоа и во 1985, 1986, 1987 и 1988. 

Вајперс Кристијансанд влезе во друштвото во кое се Виборг, Слагелсе, Раднички Белград, екипи што по три пати биле европски шампион. 
Пет шампионски пехари има Ѓер, осум пати првак бил Хипо, а уште долго недостижен ќе биде Спартак Киев кој има освоено 13 шампионски пехари. Првиот во 1979, последниот во 1988. 

АКО НЕ ЗНАЕВТЕ: Вајперс Кристијансанд во својата деби сезона во Европа играше и во Скопје. Во 1/4 финалето на ЕХФ Куп во март 2004 под тогашното име Ваг ХК, оваа екипа се сретна со Еуростандард Банка Ѓ. Петров. 
За нашиот тим тогаш играа најдобрите (млади) македонски ракометарки: Зашовска, Радончиќ, Диневска, Мечевска, Илкова, Новеска, Насевска, Бајрамовска, Пецевска, Душица Георгиевска, Гајевска, Ристовска, Билјана Црвенкоска, Ивана Десподовска и засилувањето од Конго, Дидиане Умба. 
Резултатите се победи на Норвежанките од 41-33 во Кристијансанд и 33-24 во Скопје. Ваг се пласираше во полуфиналето каде што загуби од Ѓер. 

Двата денешни финалисти имаат играно во скопско „Кале“. Вајперс во 2004, а Ференцварош во легендарното финале во 2002 кога Кометал Ѓ. Петров стана европски првак. 
 

Поврзани вести