Словенечкиот бек Нејц Цехте е првото засилување за шампионскиот Е. Пелистер. Овој словенечки десен бек минатата сезона имаше договор со Вардар, но не му беше судено да игра во црвено-црно. Вардар лани ја доби суспензијата од ЕХФ и тоа значеше дека се менуваат и играчките планови, па Цехте замина за Данска. Сега одново се отвори можност да игра во Македонија, но овој пат во редовите на Е. Пелистер
Битолчаните денеска објавија известување:
РК Еурофарм Пелистер ја известува јавноста дека нов член на нашиот клуб е словенечкиот репрезентативец Нејц Цехте. 30-годишниот десен бек доаѓа во редовите на македонскиот шампион од четвртфиналистот на Лигата на шампионите на ЕХФ и актуелен првак на Данска, ГОГ Гудме.
Цехте е стандарден словенечки репрезентативец, има 52 настапи за својата селекција, вклучувајќи и Европско и Светско првенство. 195-сантиметри високиот Нејц Цехте потекнува од ракометно семејство, бидејќи и неговиот брат Клемен Цехте беше професионален ракометар и словенечки репрезентативец.
Нашиот нов член се афирмира во дресот на Горење Велење, клуб со кој стана национален шампион на Словенија и играше во Лигата на шампионите. Во 2018 година следеше трансфер во Хановер, каде Нејц играше четири години и ја делеше соблекувалната со Урбан Лесјак, со кого пак ќе играат во ист клуб. Во сезоната 2022/23 со ГОГ Гудме дојде до историски успех во Лигата на шампионите, каде се најде меѓу осумте најдобри екипи, а се бори и за одбрана на титулата шампион на Данска.
Цехте се обрвза на едногодишен договор, со опција за уште една сезона. Неговото претставување клубот го предвидува кон средината на јули, на почетокот на подготовките на екипата за сезоната 2023/24.
Поврзани вести