Битола се спрема за големата забава!

Ракометната шампионска парада која во Битола ја дочекаа по 18 години, конечно, без одложување е закажана за во сабота. 
Плоштадот ќе биде спремен, славеници ќе има илјадници, а на забавата ќе и претходи последниот натпревар сезонава за идниот првак, Еурофарм Пелистер. 
ГРК Тиквеш со обезбеден излез во Европа доаѓа во Битола да ја комплетира ракометната вечер на дуел од последното првенствено коло сезонава, по што на капитенот на Е. Пелистер официјално ќе му биде доделен шампионскиот пехар за сезоната 2022/23.

Клубот објави и информации за јавноста за саботниот хепенинг...

Билетите за натпреварот ќе се продаваат почнувајќи од петок, 26 мај, од 15:00 часот на повеќе пунктови пред спортската сала „Боро Чурлевски“. Во билетот, по цена од 250 денари, ќе биде вклучена и зелена шампионска маичка, која ќе ја добиете при купувањето на секој билет. Ве молиме да ја понесете со себе и да ја „обоиме“ спортската сала во зелено за време на натпреварот.

Носителите на сезонски билети на посебен пункт пред салата од петок 15:00 часот ќе може да ја подигнат шампионската маичка.

Ве молиме в сабота попладне најдоцна до 17:30 часот да ги заземете своето место во спортската сала „Боро Чурлевски“.

РК Еурофарм Пелистер ги повикува своите пријатели, симпатизери и навивачката група „Чкембари“ в сабота заеднички да ја прославиме шампионската титула за сезоната 2022/23. 

По завршувањето на натпреварот, од 20:00 часот на плоштадот Магнолија во Битола ќе започне централната прослава за сите битолчани, во кој е е предвидена богата забавна, музичка и спортска програма. Деталите околу ракометниот хепенинг ќе бидат објавени на денот на натпреварот.

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk