Алкалоид ги однесе бодовите од Бутел

РК БУТЕЛ СКОПЈЕ - РК АЛКАЛОИД  20-22 (9-11)
Сала: „Антон Димитров“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегат: Марјан Начевски
РК БУТЕЛ СКОПЈЕ: Симјановски, Субашевски, Младеновски 2, Стојановски, Ѓеоргиевски 2, Николов 7, Крстевски, Мојсоски 4, Спасовски, Стојчевиќ, Манасков 1, Блажевски 1, Јефтиќ, Михајловиќ, Мајиќ 2, Давитковски 1
Седмерци: 4/8 Исклучувања: 10 мин.
РК АЛКАЛОИД: Трајкоски, Галевски, Џонов 3, Маркоски 2, Стојков, Младеновиќ 1, Серафимов 7, Илиески, Стојковиќ, Ѓоргиев 2, Симоноски 1, Омерагиќ 1, Кофилоски, Петковски 2, Д. Митев 2, Савревски
Седмерци: 2/4 Исклучувања: 14 мин. 

Бутел Скопје и Алкалоид го одиграа својот петти меѓусебен дуел сезонава. Овој пат, без големо резултатско значење, особено за гостинскиот состав кој својата позиција на табелата ја запечати уште минатото коло, но и покрај тоа гостите ги однесоа бодовите.  
Кирил Лазаров во составот го имаше повратникот Иван Џонов, но во тимот вечерва не беше „шилото“ Марко Митев. 

Средбата како и секогаш кога играат овие два тима, резултатски интересна во првиот дел, играчки за „око“ - не толку. Почна со серија промашувања, од која Бутел побрзо излезе и поведе со 3-0. Алкалоид во овој период пропушти два зицера, направи технички грешки и првиот гол го постигна дури во осмата минута. 
Седум минути подоцна беше нерешено (4-4). Одбраната на Алкалоид беше добра, нападот на Бутел - не. Исто и на спротивната страна на теренот.
Домашните имаа проблеми особено со реализацијата на седмерците и ги промашија сите три што им беа досудени во првиот дел. Алкалоид поведе со 6-4 и кога се доби впечаток дека има контрола и може да го прекрши мечот, направија неколку неизнудени грешки и Бутел тоа го казни, израмни, успеа и да поведе (8-7), но на полувреме се замина со предност од два гола за гостинскиот тим (11-9). 
Би ги издвоиле голманите Бојан Блажевски и Благоче Трајкоски како играчи со најголемо влијание во првите 30 минути.

Со два гола на стартот на вториот дел, Алкалоид поведе со четири гола разлика (13-9), а потоа таа разлика ја одржа и до 40 минута во која тренерот на домашниот состав побара тајм аут при (11-15). 
По ова Бутел постигна два гола по ред, но се одбранија гостите и во 44 минута беше 16-13.
Ниту на десет минути до крајот ништо драстично не беше сменето. Алкалоид водеше два до три гола (19-16, 19-17).
Во финишот домашните намалија на 20-22, но Алкалоид добро го контролираше времето и без поголема драма успеа да стигне до победата. 



 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk