Македонската репрезентација попладнево ќе го игра последниот натпревар од квалификациите за ЕП 2024. Последниот меч во репрезентацијата ќе го игра Гоце Георгиевски. Тој одлучи да им го отстапи местото на помладите ракометари.
Неговите соиграчи сакаат да го испратат со победа и обезбедено второ место во групата.
„И пред почетокот на овој квалификациски циклус кажав дека со Португалија ќе се бориме за првото место во групата. Имаме респект кон секој противник, како за Луксембург, така и за Турција, одиме максимално на секој натпревар. Играме пред домашна публика се надевам дека денеска ќе не поддржи во голем број. Посветени сме максимално, сакаме победнички да го завршиме овој циклус.
Мора да победиме и за Гоце Георгиевски, не треба да заборавиме колку има направено за македонската репрезентација. Сакаме победата за да биде еден подарок од нас за него, заедно пред домашната публика да се радуваме“, вели Филип Кузмановски.
„Долго време се случуваше промената на генерација. Беше убаво кога за момент се врати и Миркуловски, секако дека фали нивното искуство, поддршката. Но, времето поминува веќе не сме толку млади, сите сме речиси на исто годиште со исклучок на Никола Маркоски.
Морам да кажам дека бевме навикнати на поискусните, израснавме со нивната поддршка, сепак мора да се адаптираме, одиме напред, ќе има нови лидери, нови икони…“, изјави Кузмановски.