Е. Пелистер сега се врти кон СЕХА

Еурофарм Пелистер доби неочекувана шанса и покрај убедливиот пораз од Вардар на гостувањето во Скопје, на свој терен да решава за шампионскиот пехар во домашното првенство. 

Битолчани, сепак, мораат да го изодат патот до тој мајски дуел со Вардар во „Боро Чурлевски“, а откако вчера едвај го преживеаја предизвикот во Кавадарци, за десетина дена им следи уште едно незгодно гостување, кај Алкалоид во Скопје, а до тој дуел ќе треба да одиграат уште три меча. 
Два од нив со Татран Прешов во елиминациите од СЕХА шампионатот и домашен меч со Бутел Скопје. Прилично набиена агенда пред гостувањето во „Автокоманда“. 

По вчерашниот со ГРК Тиквеш, битолчани утре ќе го имаат првото одмерување на силите со Татран Прешов.  Прв ќе играат дома, со почеток од 18:00 часот. 

„Се работи за квалитетен ривал, видовме што може Татран досега во СЕХА лигата. Ова е двомеч, нема многу време за подготвување, но верувам дека ќе сме доволно спремни. Нормално, како и на секој натпревар Еурофарм Пелистер оди на победа. Татран сезонава игра квалитетно, искусно и едноставно е екипа која заслужува респект, ама и покрај сè како што кажав, одиме на триумф“, изјави голманот на битолскиот тим Марко Кизиќ.

Вториот меч со Татран ќе се игра во Словачка, во понеделник. 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk