Украина одбра претседател и го покажа составот за бараж со Македонија

Денеска женската репрезентација на Македонија ќе го има првиот собир, а прв собир има и противникот на Македонија, репрезентацијата на Украина. 

Украинската ракометна федерација денеска имаше изборно собрание на кое за претседател со нов четиригодишен мандат беше реизбран Андриј Мељник, откако неговиот противкандидат се повлече од трката за позицијата прв човек. 

Селекторот Виталиј Андронов, тренер кој своевремено ја водеше и машката репрезентација во квалификациска група во која играше и со Македонија е човекот со кој Љубомир Савевски ќе се надмудрува на теренот во следните два бараж дуели. 
Денеска го обелоденија и составот во кој има доста сериозни имиња, а ги предводи бекот на Влчеа, Ирина Глибко, во моментов втор стрелец во Европската лига. Глибко има постигнато 72 гола со ефикасност од 61.5 проценти, одосно 7.2 гола по натпревар, додека првопласираната Аника Лот од Турингер има 74 гола но и одигра два натпревари повеќе. 
Овој податок би требало да каже дека знаеме од каде ќе доаѓа најголемата опасност за нашата одбрана. 

Главнината на украинската репрезентација се професионалки и интернационалки, па војната нема директно влијание во нивниот тренажен процес, иако и во овие услови нивниот шампионат не беше прекинат и првенството се игра во турнирски систем. 
Тие не прифатија двата меча да се играат во Македонија, туку нивното домаќинство ќе биде на неутрален терен, во Унгарија, во градот Кишварда. 

Првиот натпревар ќе се игра на 8 април во Скопје, реваншот е три дена подоцна. 



 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk