ВАРДАР 1961 - Е. ПЕЛИСТЕР 31-24 (13-10)
Сала: „Јане Сандански“. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегат: Драган Начевски.
ВАРДАР: Томовски (12 одб), Манасков 7 (1), Јагуриноски 1, Стоилов 1, Аларов, Моралес 4, Георгиевски 5, Карапалески 1, Чувара, Талески 7, Дутра 5, Атанасовски, Маркоски, Ќосевски, Мишевски
Седмерци: 1/1 Исклучувања: 4 мин.
Е. ПЕЛИСТЕР: Лесјак (9 одб), Кизиќ (3 одб), Ојлески 2, Кисум 4, Радовиќ, Танкоски 2, Костески 1, хосни 3, Вилсон, Велковски, Петар Атанасијевиќ 1, Василев, Суси 4, Пешевски 5, Павле Атанасијевиќ 2, Стевановиќ
Седмерци: 3/4 Исклучувања: 10 мин.
Вардар забележа голема победа над единствениот ривал за шампионската титула во првенството, Еурофарм Пелистер. Триумф од седум гола разлика на првото одмерување на силите што се одржа во „Јане Сандански“. Разлика што битолчани ќе треба да ја надминат кога по втор пат ќе се сретнат овие два тима, во „Боро Чурлевски“.
Премногу е рано за славење во редовите на Вардар, но капиталот што го имаат по денешниот натпревар, многу ги зголеми нивните шанси за нов шампионски пехар. Најавената зелена ера, ќе почека.
Битолскиот тим очигледно ја нема научено најважната лекција, онаа што вардаровите ракометари ја учеа цела деценија во војните со Металург и Лино Червар. Дека секоја топка е (нај)важна. Е. Пелистер денеска направи недозоволено многи грешки, Вардар ја ценеше секоја топка. Епилогот е седум гола разлика.
Средбата почна доста нервозно, добри голмани, лоши шутеви, од двете страни. Малку водеше гостинскиот состав, малку домашниот. Лесјак и Томовски најдобри на теренот. И така до 17 минута и прекинот.
Во продолжението, битолчани имаа подобра транзиција, но почнаа полека да и избрзуваат, Вардар играше бавно, но не трошеше топки. Во такво издание со малку среќа, црвено-црните стигнаа до плус три на полувреме (13-10).
Бразилецот Дутра го замени Карапалески на почетокот на вториот дел и за него не беше спремна битолската екипа. Разигруваше, погодуваше и уште при првиот налет Вардар направи серија од 2-0, со се предноста од првиот стигна до 15-10, потоа следуваше уште еден блиц криг и вкупна серија од 8-1, за водство од 18-11. Кога тој почна да промашува, веќе беше отиден Вардар во комотна ситуација, па Недановски можеше да го ротира.
По ова Вардар имаше многу адути. Кога требаше бранеше Томовски и тој беше еден од најзаслужните за оваа побед, кога требаше погодуваше Георгиевски, кога ќе згуснеше ќе погодеше Стоилов или Манасков, да не го заборавиме и Талески кој постигна седум гола. Во битолскиот состав, Жарко Пешевски и во еден период Мухамед Суси беа единствените што постигнуваа голови во некаква серија.
Битолчани ќе стигнеа до минус пет, па и четири, но одново набрзина ќе ја пропуштеа шансата да се вратат дома со подобар резултат.
Конечно, седум гола разлика и многу комоција за Вардар пред решавачкиот меч што ќе се игра во Битола.
Поврзани вести