Денеска е ден за големото дерби

Ако сте ракометен фан, денеска е денот кога треба да ги откажете сите попладневни активности и дали од пред ТВ или во живо во „Јане Сандански“ да станете дел од првото големо дерби за титула во Македонија. Попладнево од 18:00 часот ќе играат Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер. 

Шампионскиот пехар нема да биде доделен вечерва, но вечерашното дерби ќе даде одговор на многу прашања, а веруваме ќе постави и многу други. Можеби ќе бидат решени многу, да не речеме сите работи, можеби ништо нема да биде решено, но ќе имаме појасна слика за односот на силите меѓу двете во овој момент најдобри екипи во Македонија. 

Тоа што Вардар 1961 сезонава не игра во Европа, не само што на Македонија и одзема една сезона во бодувањето од Лигата на шампионите, туку ни го ускрати и задоволството да го гледаме Вардар во ЛШ. Се сеќавате тоа донесе и крупни играчки промени во тимот на почетокот на сезоната, па сега навистина немаме јасна слика за вистинската сила на бранителот на пехарот. 

Е. Пелистер играше во Европа, но не се прослави во сезоната во која дома не успеа да победи никого, но пресвртот во Битола се случи по завршувањето на настапот во групата, со промената на тренерот по која битолскиот состав надмоќно одигра со Нексе и сега со нова енергија доаѓа во Скопје. 

Битолчани не доаѓаат во Скопје само со нова енергија, нови тренери и стари амбиции, доаѓаат и со најмалку 300-400, можеби помалку - можеби повеќе, свои навивачи кои цела недела се организираат за - Инвазија на Скопје. 
Цела Битола доаѓа по титула, е нивното мото, но мобилизирано е и Скопје и во „Јане Сандански“ битолчани ќе бидат дочекани во полна „црвено-црна“ сала од огромна група на вардарови „Комити“. 

Кога ќе се сретнат овие две групи на трибини, тензиите се неизбежни, па затоа и двата клубаза да ги намалат, во пресрет на дербито демонстрираа пријателство надвор од салата, апел за цивилизирано однесување и поддршка за судиите, нашиот втор најдобар пар со големо меѓународно искуство, кои исто така доаѓаат од Битола. 

Нема да биде лесно никому, но треба да биде јасно дека сите ќе бидат во „Јане Сандански“ поради ракомет и се надеваме дека ракометот и ќе победи, а секој ќе си ја гледа/работи својата работа најдобро што знае и нема да ги спречува актерите да си ја гледаат/работат својата работа долу на теренот. 

Натпреварот ќе биде пренесуван на МТВ 3 со почеток од 18:00 часот, а ќе може да го следите и на следниов линк
 

26.03.2023 – НЕДЕЛА

16:00 часот РК ПРОЛЕТ 62 – ГРК ОХРИД

18:00 часот РК ВАРДАР 1961 – РК ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – директен пренос на МРТ


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk