Екипата на Т. Пролет е првиот финалист во групната фаза од Куп на Македонија. Тие денеска во полуфиналето на групата што се игра во „Македонско сонце“ ја совладаа екипата на Голден Арт, минимално 26-25 (12-15).
Гостинскиот тим подобро го отвори натпреварот и поведе со 4-1 казнувајќи го спретно периодот во кој нападот на Тинекс Пролет беше далеку под посакуваното ниво. Пецаковски од пенал го постигна единствениот гол за Тинекс Пролет во почетните девет минути од мечот, пред капитенот Ласко Андоновски конечно да погоди од игра, но само за да намали на 2-4.
Како што одминуваше времето Пролет играше подобра одбрана, а тоа се одрази и во нападот, па стигна израмнување од 7-7
Но, место целосен пресврт, нова мини-серија на гостите и три гола во низа, по што тренерот Лембанов беше принуден да побара тајмаут при негатива од 7-10. На пауза се замина со резултат (12-15).
Виктор Додевски погоди во 46. минута за прво водство на Тинекс Пролет (22-21). При предност од 23-21 судиите исклучија двајца домашни ракометари, но Михаљевиќ одбрани зицер, а на спротивната страна во рок од две минути Тинекс Пролет постигна два гола и поведе со 25-22, на десет минути до крајот од натпреварот. Лембанов побара тајмаут при водство од 25-23, на пет минути до крајот, нападот продолжи да се мачи, но одбраната ја заврши клучната работа во завршницата и Тинекс Пролет заслужено триумфираше со минимални 26-25.
Противник на Тинекс Пролет во финалето од оваа група во Купот на Македонија ќе биде подобриот од мечот Еурофарм Пелистер 2 - Радовиш, што на програмата е утре претпладне.
Поврзани вести