Коментар: Резултати, сега и веднаш

Пишува: Ричи Ѓамовски, уредник на g-sport.mk

Квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2024 ја мина и втората третина. Македонија со два порази од Португалија и со веќе извиканите анализи кои во голем процент немаат многу од заедничкото множество со реалноста туку се сплет на желби, подгреани и подметнати очекувања.

Во македонскиот репрезентативен ракомет се случија големи промени. Иако сите навидум беа свесни дека нема во брзо време да видиме резултат, смената на генерации на две на три се пикна по тепих и од репрезентацијата се бара резултат - сега и веднаш. Не одигравме ни 10 натпревари без Лазаров, Стоилов, Миркуловски, а очекувањата се сменија и сега се бара виновник зошто нема резултати во новиов состав. 
Резултат сега и веднаш - нема. Нема кај нас, не во држава каде што 22 години откако е воведен брзиот центар, ракометот со побрза транзиција сѐ уште се вика - модерен. 

Трпение е единствената опција - сакале или нејќеле. Тоа не е избор. 
Ќе истрпиме додека од овие играчи што ги имаме и играат „модерен“ ракомет, се направат играчи што ќе можат да направат повеќе од пласман на ЕП, бидејќи ете и тоа не е доволно. 
Резултати мораме да имаме. Со кои реални основи ги бараме, тоа не е битно. 
Селекторот во еден подкаст понуди за волја на вистината и втора опција, за остварување на резултати -  натурализација. Не би ја критикувале и плукале натурализацијата. На крајот на краиштата, основата на развојот на ракометот во Македонија беше токму натурализација. Наш став е сепак, дека тоа надминато и дека сега сме доволно добро организирани за сами да призведуваме играчи, без странска помош. Иако уште не играме „модерен“ ракомет. 
Оваа изјава на селекторот, нормално, веднаш беше спинувана. Готово е. Доаѓаат тројца во РК Алкалоид што ќе бидат натурализирани. 
Да појасниме. 
За да биде натурализиран играч според прописите на ИХФ, ракометарот мора да живее(л) три години последователно во државата и да има пауза од три години од последниот настап за другата држава. 
Таков играч, спремен за натурализација во Македонија - нема. Освен Тимур Дибиров.
Приказните дека доаѓаат тројца во Алкалоид што ќе бидат веднаш натуралзирани, задно со приказните дека Македонија била фаворит во однос на Холандија, Аргентина и Португалија, заедно со приказните дека ако се смени селекторот ќе бидат решени сите проблеми воглавно имаат исти прераскажувачи. 
Трпение е единствената опција - сакале или нејќеле. Тоа не е избор. 

Да погледнеме малку напред, па и да бидеме малку селектор место селекторот. Македонија ќе се пласира на ЕП. Што да се прави до следниот јануари и како да се елиминираат некои работи што постојано се провлекуваат, а и штетат на репрезентацијата. 
Наше мислење е дека една од поважните работи е да се формира развојна репрезентација. Без разлика дали ќе се вика „Б“ или „Ц“... Сметаме дека би била во корист и поддршка на идејата за формирање на поширока репрезентативна база, а и за целата јавност да има шанса да види по кој пат одат играчите кон „А“ тимот.
Ако ништо друго тогаш барем ќе бидат елиминирани сомнежите како е селектирана првата екипа. Ова подразбира „Б“ тимот во кој би се нашле и добар дел од актуелните „А“ репрезентативци да треба да игра натпревари со противници од втор и прв шешир, односно екипи што играат - модерен ракомет. Тука нема да играат ФБ статуси, туку на терен ќе видиме сѐ. 
Би додале дека ова е важно особено во овој момент, кога се очекува на вратата на „А“ репрезентацијата да тропнат и потенцијалите што сега ќе играат кадетско-јуниорски СП и ЕП. 
Дресот на првиот тим, мора да биде потешко достапен, тоа е и една од придобивките на зголемување на базата,  иако сме свесни дека во моментов нема и којзнае колкав избор на располагање. Јавноста, пак бара резултати и сега и веднаш.
Тогаш нема да може и секој по случаен избор да си одбере играч и да тврди дека токму тој заслужува да игра на ЕП. Иако, ќе подвлечеме крајната цел на Б репрезентацијата не е на јавноста да и се докажува кој треба, а кој не треба да биде дел од А репрезентацијата, туку влегување во системот на играта на А тимот на играчи кои би можеле во даден момент да бидат од корист. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk