Поранешниот ракометар на Вардар, рускиот пивот Сергеј Горпишин, нема да добие нов договор во Лудвигсхафен, екипа што се натпреварува во Втора Бундеслига. Тој ќе биде дел од ремонтот во кој пет играчи заминуваат, а доаѓа комплетно нова петорка.
Седумте гола што и ги даде на репрезентацијата на на Македонија (7/11) и потоа осумте на Хрватска (8/16) на јануарскиот „Кроација Куп“ беа препораката со која израелскиот бек Адир Кохен доаѓа во редовите на вице-првакот на Хрватска, Нексе Нашице.
Тој во моментов игра за Трембле, претходно играше во Швајцарија, но настапот во репрезентацијата е тој што го „продаде“ за поубава цена.
Францускиот клуб Брест покрај неочекуваниот пораз од Дижон, со кој се оддалечија од лидерот Мец, има уште еден нов проблем. Сезоната на голманот Клеопатра Дарло која добро ја паметиме од ЕХФ Еуро во Македонија, е најверојатно завршена. Три месеци пауза препорачаа француските доктори по последните прегледи.
Голманот на Флензбург и на репрезентацијата на Данска, Кевин Мелер мораше на операција на менискус за конечно да ги реши проблемите со коленото. Тој е пријавен за повреден, на неодредено време.
Адриен Дипанда беше француски репрезентативец, одличен во два правца особено во одбрана. Тој има 34 години и одби нов договор со Екс Провананс. Кога следниот јуни, во 2024 ќе истече неговиот договор, ќе објави крај на професионалната кариера.
Новиот норвешки проект, дрим тимот Колстад го освои првиот пехар во историјата. Тие се победници на норвешкиот Куп. Во финалето го совладаа тимот на Елверум.