Лино Червар не се помирува лесно со одлуката за укинување на позицијата во репрезентацијата што тој ја имаше и што логично значи дека останува без функција.
“Тоа се случи на неколку денови од прославата на првата и единствената титула светски првак што ја имаме освоено. Таква фарса и игранка кон мене е едно големо понижување. Баш би сакал да видам што имаат освоено и постигнато сите тие што ја донесоа таа одлука. И многу ме интересира што за тоа мисли врвната институција за спорт, а тоа е Хрватскиот олимписки комитет“, изјави Червар.
Екипата на Ваљадолид од шпанската Асобал лига, за која настапуваат двајца македонски интернационалци, Дарко Димитриевски и Димитар Димитриоски е поразена на домашен терен (32-37) од екипата на Бидасоа, за која шпанските медиуми во извештаите од натпреварот велат дека главно играла со резервните играчи. Односно да за ги задоволиме чувствителните мкд вкусови, овој натпрвар го добила подолгата клупа на гостите.
Димитриевски на оваа средба постигна еден гол, Димитриоски не се запиша во листата на стрелци.
Хрватскиот лев бек Јосип Шарац, потпиша продолжување на договорот за уште две сезони со бундеслигашката екипа Гепинген.
Желбата на Александре Деду, поранешниот претседател на романската федерација, а сега менаџер на Корона Брашов, да го доведе за тренер Шпанецот Карлос Вивер, нема да се исполни.
Карлос Вивер е тренер на Рапид Букурешт и на лето ќе биде заменет најверојатно со Ким Расмусен, но нема да стане тренер на Корона Брашов, туку ќе биде селектор на женската репрезентација на Ангола.
Ракометарот на Нексе, Томислав Северец убаво ќе ги материјализира своите доби настапи во Европската лига сезонава. Тој за следната сезона потпиша договор со екипата на Хамбург од Германија.
Данската федерација го продолжи договорот на селекторот на женската репрезентација за уште три сезони. Јеспер Јенсен останува на клупата на Данска до јуни 2026 година, а паралелно договорот го продолжи и неговиот асистент Ларс Јоргенсен.
Но, продолжувањето на овој договор значи дека Јенсен заминува од клупата на Есбјерг по седум сезони во кои клубот стигна до топ класа.