Петар Ненадиќ важеше за еден од најдобрите играчи на Веспрем, веројатно како индивидуалец е и најдобриот играч во составот на Момир Илиќ, но сезонава не одат работите како што треба.
Веста дека договорот на Петар Ненадиќ нема да му биде продолжен летово е стара пар месеци. И беше и не беше изненадување, на прв поглед сѐ беше пријателски.
Вчера непосредно пред домашниот натпревар со Порто, стигна информација дека тој нема да биде во тимот затоа што против него се води внатрешна дисцоплинска постапка.
Тоа подразбира дека тој е отстранет и не само што не игра, туку и не тренира со екипата на неодредено време, односно додека не биде целиот случај комплетиран и со решение што понатаму. Причините не се наведени, но српските медиуми пишуваат за конфликт меѓу Петар Ненадиќ и тренерот Момир Илиќ.
Веспрем кој во текот на сезоната го загуби првиот десен бек, Омар Јахија поради повреда, сега на неодредено време го губи и првиот лев бек и со тоа неговите шанси за пласман на Ф4 за кој можеби ќе треба да играат со ПИК Сегед и уште понатаму за ултимативната цел - шампионскиот пехар во ЛШ, се намалуваат, значително.
Во меѓувреме, од „повеќе“ страни и извори се слуша дека тој веќе има договорен трансфер и тоа во Динамо Букурешт, иако не би избрзувале со заклучоци дека е тоа се завршено.