Компанијата „Алкалоид“ во својата општествено одговорна функција посебно во делот на поддршка и развој на македонскиот спорт, покрај ракометот и поддршката на неколку други спортски федерации, денеска ја промовираше својата најнова активност, стана официјален спонзор на Таеквондо федерацијата на Македонија.
Спортот кој инстантно ги освои срцата на македонските спортски заљубеници преку настапите на Дејан Георгиевски на Олимписките игри, отсега ќе биде помогнат од една од најмоќните македонски компании.
Договорот беше одбележан на прес конференција на која присуствуваа Претседателот на федерацијата Борче Костовски, олимпиецот Дејан Георгиевски и првиот човек на „Алкалоид“, Живко Мукаетов. Официјално беше потпишан договор со важност од најмалку две години.
Задоволството од отпочнатат соработка не го криеја Костовски, Георгиевски и Мукаетов, се осврнаа кон претходните и покажаа верба за нови успеси, посебно по големата помош од новиот спонзор.
„Денеска ми е чест и гордост што сум тука со македонската таеквондо федерација и репрезентација. Алкалоид како општествено одговорна компанија дава придонес за јакнење на македонската нација по сите основи. Ние го препознавме тоа што го работат овие млади амбициозни луѓе. Чест ни е што ќе бидеме дел од тимот што ќе се бори за успеси на Македонија. Среќен сум кога ќе видам луѓе што работат заедно максимално посветено и упорно. Навистина е голема радост она што го направи Дејан на Олимпијадата. Да им помогнеме, јас сум оптимист дека ќе славиме норми и нови медали. За Македонија, за македонскиот спорт, ќе изградиме успешни приказни, изјави Мукаетов.
Дејан Георгиевски е човекот кој го сврте вниманието кон овој спорт. Освојувач на медал од ОИ, неодамна се врати со медал и од еден од врвните турнири одржан во Турција.
Мило ми е што сме тука да потврдиме дека македонското таекводно е сериозна приказна која се бори за високи цели – највисоките одличја – олимписки медали. Му благодарам на Алкалоид за оваа поддршка. Годинава ја почнавме успешно со освојување на медал на Президент Купот во Турција се надевам дека така ќе продолжиме. Календарот е полн оваа сезона, се надевам дека ќе успееме“, изјави Георгиевски.
Претседателот на Таекводно федерацијата на Македонија, Борче Костовски, исто така не го криеше задоволството.
„„Благодарност до Живко Мукаетов, како човек со широко срце му помага на македонскиот спорт генерално. Тој ја препозна, ја виде македонската таеквондо приказната, потенцијалот. Заедно ќе бидеме успешни во иднина. Македонската таеквондо федерација во последниот период бележи страшни резултати, несоодветни за македонското поднебје. Покажуваме што се направило до сега и дека се е можно, само доколку се внесе страст, труд и наука. Оваа година ја почнавме силовито, на Президент Купот Дејан освои медал, не очекуваат силни турнири, каде што државата треба да помогне на овој спорт. На европските норми имаме обезбедено, се бориме за норми во Париз, се надевам дека тоа ќе го оствариме“, изјави Костовски.